Украинскиот Генералштаб: Русите со пушки ги принудуваат граѓаните да гласаат на референдум

од Берта Китинска

Таканаречените референдуми за приклучување на окупираните делови на Украина кон Русија се одржуваат втор ден и покрај силното противење на меѓународната заедница.

Руските медиуми објавија снимки од граѓаните на гласачките места во саботата, со проѕирни гласачки кутии кои го покажуваат изборот на гласачките ливчиња.

Гласањето, за кое меѓународната заедница рече дека не е легитимно, се одржува во источните региони Луганск и Доњецк, како и во централниот дел на Запорожје и јужен Херсон.

На социјалните мрежи кружи видео од вооружени мажи кои наводно ги принудуваат жителите да излезат на гласање.

Украинскиот Генералштаб објави дека „вработените во „изборните комитети“ во присуство на вооружени војници на Руската Федерација“ собираат потписи од локалните жители во нивните домови.

Гласањето треба да трае до вторник, но никој не се сомнева во резултатот – приклучување на четири региони кон Русија, што според Кремљ може да се случи брзо по завршувањето на референдумот.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави доцна во петокот дека гласовите се „лажен изговор за насилна анексија на делови од Украина, што е кршење на меѓународното право“.

„Ќе работиме со нашите сојузници и партнери за да и наметнеме дополнителни брзи и сериозни економски загуби на Русија“, додаде Бајден.

Во средата Владимир Путин најави делумна мобилизација на руските граѓани, а покани добија и жителите на окупираните Херсон и Запорожје, тврдат од украинската армија.

Слични содржини