УКЦ Љубљана: Минатата недела примивме 6 деца со воспаление на повеќе органи поради короната

од Vladimir Zorba

Иако децата се заразуваат со коронавирусот претежно со или без благи симптоми, тие можат да претрпат оштетување на неколку органи, вклучувајќи го и срцето, поради силна имунолошка реакција, велат словенечките лекари кои наидоа на неколку вакви случаи во последните неколку дена.

Педијатарот Тина Планкар Сровин од Универзитетскиот клинички центар Љубљана за новинарите изјави дека минатата недела примиле шест деца во оваа здравствена установа кои имале воспаление на повеќе органи.

Според лекарите, ова било резултат на силна имунолошка реакција на нивното тело откако биле заразени со вирусот две до четири недели претходно, а потоа го преболеле.

„Ковид 19 кај деца се одвива во полесна форма, но болеста може да има сериозни последици“, предупреди Сровин.

Досега, во болницата имало 40 деца со Ковид 19, а во последната недела тие забележале неколку случаи на деца со „воспалителен мултисистемски синдром“ поврзани со првична инфекција со корона, пренесува Хина.

Кај сите деца кои минатата недела беа примени во болница со овие симптоми, забележливо е дека имало штетни последици врз срцевиот мускул, па затоа добиваат силни антиинфламаторни лекови, а покрај лекарите-педијатри, во третманот учествуваат кардиолози и ревматолози.

Словенечките педијатри забележуваат дека појавата на слични симптоми кај деца со Ковид 19 првпат е забележана во Велика Британија пред неколку месеци.

Од љубљанскиот УКЦ потврдиј дека во првиот бран на епидемијата имале само четири деца заразени со вирусот, но тоа биле поблаги случаи, додека во вториот, есенски бран на епидемијата, досега 43 деца биле лекувани во таа болница.

Тешката форма на Ковид -19 погоди две деца, и двете со претходно потврдена основна болест, но на ниту едно од нив не им требало респиратор, објавија од центарот.

Во Словенија, 46 лица починале во последните 24 часа како резултат на инфекција со коронавирус, додека од тестираните 7.391 примерок биле регистрирани 1.767 нови случаи на инфекција.

Слични содржини