УНЕСКО: Универзалниот пристап кон науката е потребен повеќе од кога било поради коронавирусот

од Stefanija Kuzmanovska

За време на пандемијата, беше покажана солидарноста на меѓународната научна заедница, изјави денеска генералната директорка на Организацијата на ОН за образование, култура и наука (УНЕСКО) Одри Азулај, залагајќи се за универзалниот пристап за напредок на науката.

Одри Азулај ова го кажа по повод заедничкиот апел во корист на „отворената наука“ што го започна УНЕСКО заедно со уште три други организации со седиште во Женева: Светската здравствена организација (СЗО), Високиот комесаријат на ОН за човекови права и Европската лабораторија за нуклеарни истражувања.

Овие четири организации побараа од меѓународната заедница да ги преземе неопходните мерки за да обезбеди универзален пристап до напредокот на науката и нејзината примена.

„Отворена наука“ значи слободен пристап до научни публикации, податоци и инфраструктури, како и пристап до софтвери, образовни ресурси и отворени технологии, како што се тестови и вакцини.

„Никогаш порано потребата за универзален пристап кон науката не била толку очигледна, а сепак пред Ковид-19, само секоја четврта научна публикација беше отворено достапна, што значи дека на милиони истражувачи им беше ускратена можноста да ја читаат работата на своите колеги“, рече Азулај.

Според неа, здравствената криза го покажа неверојатниот потенцијал на научна соработка на меѓународно ниво. Таа додаде дека оваа соработка му овозможи на светот многу брзо да го утврди геномот на вирусот САРС-КоВ-2.

„Солидарноста што ја покажа научната заедница е модел за иднината“, рече генералната директорка на УНЕСКО.

Кина брзо го идентификуваше геномот на вирусот и ги објави резултатите, што подоцна им овозможи на научниците од целиот свет да развијат нови дијагностички алатки, кои СЗО ги поздрави во неколку наврати.

Слични содржини