Унгарија донираше 6 илјади дози „АстраЗенека“ на МВР

од Берта Китинска

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска дојде во Скопје со донација од 6 илјади дози на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“, наменети за потребите на Министерството за внатрешни работи.

На граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје”, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ја пречекаа делегацијата предводена од министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, кој ја предаде донацијата од 6.000 дози вакцини против коронавирусот наменети за имунизација на припадниците на МВР.

-Во свое и во име на Министерството за внатрешни работи сакам да изразам благодарност за донацијата која што ја врачи Неговата Екселенција министерот Петер Сијарто. Сакам да истакнам дека досега, како Министерство, успеавме да организираме имунизација на над 1.500 наши вработени, а согласно пријавите и планираната динамика, до овој момент уште 2.500 припадници на Министерството се пријавени за имунизација. Верувам дека во наредниот период таа бројка ќе се зголеми.Како МВР, продолжуваме со доследно спроведување и контрола на сите предвидени мерки и протоколи за здравствена безбедност на граѓаните, информираше Спасовски.

Слични содржини