Унгарија и Полска не попуштаат за ветото на буџетот на ЕУ

од Vladimir Zorba

Унгарија и Полска се држат до своето вето на новиот повеќегодишен буџет на ЕУ и планот за закрепнување од короналризата, рече во понеделникот унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто по средбата со неговиот полски колега во Брисел.

„Потврдивме дека ќе се поддржуваме едни со други“, рече Сијарто, според видеото објавено на Фејсбук. „Нема да дозволиме никаков обид за прекинување на таа соработка“.

Унгарија и Полска го блокираат целиот финансиски пакет вреден над 1.800 милијарди евра затоа што не сакаат распределбата на средствата од европскиот буџет да биде условена со почитување на владеењето на правото.

Договорот за повеќегодишната буџетска рамка за периодот од 2021 година до 2027 година и одлуката за сопствените приходи на европскиот буџет бараат согласност од сите земји-членки, што значи дека нема решение без согласност на Унгарија и Полска.

Веројатно последната можност за надминување на блокадата ќе биде самитот на лидерите на земјите-членки, што ќе се одржи на 10 и 11 декември.

Доколку блокадата не се реши, буџетот за следната година ќе мора да работи според системот на „привремени дванаесет“, што не се случило од 1988 година. Овој систем предвидува да не се трошат повеќе од една дванаесеттина од минатогодишниот буџет месечно.

Планот за закрепнување на кризата може да се донесе без Унгарија и Полска преку зајакната соработка помеѓу земјите-членки што сакаат да го сторат тоа.

Слични содржини