Унгарија предлага намалување на овластувањата на Европскиот парламент

од Nikola Popovski

Пратениците на унгарскиот Парламент денеска усвоија резолуција со која се бара ограничување на овластувањата на Европскиот парламент, тврдејќи дека ова тело на ЕУ ја доведе демократијата во Европа „во ќорсокак“.

Резолуцијата, усвоена од пратениците од партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, бара да им се дозволи на парламентите на земјите-членки на ЕУ да стават вето на секој закон предложен на ниво на Унијата, со што би се намалила законодавната моќ на Европскиот парламент.

Во документот се наведува и дека членовите на Европскиот парламент треба да бидат именувани од парламентите на земјите-членки на ЕУ, а не да се избираат на избори во нивните земји како досега.

„Европската демократија мора да биде изведена од ќорсокакот до кој ја доведе Европскиот парламент. Европската унија мора да се промени бидејќи не е подготвена за предизвиците на нашето време“, се вели во резолуцијата.

Унгарскиот парламент ја усвои резолуцијата во време кога ЕУ го спречува доделувањето на милијарди евра на Унгарија од фондот за закрепнување и во форма на заеми, поради ставот дека десничарската влада на Орбан не ги почитува стандардите на владеење на правото и дека не прави доволно во борбата против корупцијата.

Владата во Будимпешта зазеде поумерен пристап кон барањата од Брисел во последните неколку недели, во обид да добие пристап до средствата во време кога валутата на унгарската форинта е на рекордно ниско ниво во однос на еврото и доларот. Унгарската економија е погодена од највисоката инфлација во последните 25 години.

Сепак, денешната резолуција може да ги налути претставниците на ЕУ и дополнително да ги усложни напорите на Будимпешта да добие пристап до европските фондови.

Слични содржини