Унгарски совет до Шведска: Ако сакате да влезете во НАТО, покажете поголема почит кон Турција

од Nikola Popovski

Шведската влада треба „да се однесува поинаку“ ако сака да ја добие турската поддршка за нејзината кандидатура за влез во НАТО, изјави во вторникот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, додавајќи дека неодамнешното палење на Коранот на протестот пред турската амбасада во Стокхолм е „неприфатлив чин“.

Сијарто ова го изјави по разговорот со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу во Будимпешта. Двајцата дипломати се согласија дека антитурските протести во Стокхолм од 21 јануари ги зголемија тензиите меѓу Шведска и Турција, особено во ситуација кога скандинавската земја очекува согласност од Турција за влез во НАТО алијансата.

„Како христијанин и како католик, морам да кажам дека палењето на светата книга на друга религија е неприфатлив чин“, рече Сијарто во врска со палењето на Куранот и ја критикуваше изјавата на шведскиот премиер дека, иако го осудува палењето на Куранот како несоодветен и чин на „длабоко непочитување“, тој сепак ја спореди како заштита на слободата на говорот.

„Тврдењето дека палењето на светата книга е дел од слободата на говорот е обична глупост“, вели Сијарто, додавајќи дека поддршката на Анкара нема да биде обезбедена на таков начин.

Чавушоглу: Палењето на Куранот не придонесува за соработка и може да предизвика хаос

Состанокот во Будимпешта се случи откако Турција и Унгарија останаа единствените две членки на НАТО кои не ги одобрија кандидатурите на Шведска и Финска за пристапување во воената алијанса. Овие скандинавски земји се тесно поврзани со НАТО со децении, но аплицираа за полноправно членство само откако Москва ја нападна Украина. Една од нив, Финска, има најдолга граница со Русија од сите членки на Европската унија, пишува „Euronews“.

Општо познат факт е дека за прием во НАТО е потребно едногласно одобрување и ратификација на договорот од сите 30 земји-членки на НАТО алијансата.

Чавушоглу рече дека Турција ја дели желбата на Унгарија за проширување на НАТО, но дека во моментов е „невозможно да се потврди приемот на Шведска во алијансата“.

Тој го нарече палењето на Куранот „провокација која нема да води никаде, освен до хаос“.

Слични содржини