Виктор Орбан е господар на силните фрази. Со нив тој временски ја дава ознаката за слабостите на европската бегалска политика. И ќе беше во право, ако зад овие фрази се криеше вистинска желба за решавање на проблемот.
И најжестоките критичари на унгарскиот премиер Виктор Орбан не можат да одречат едно – дека се покажуваат слабостите не само на европската, туку и на германската бегалска политика. Во исто време, сепак, неговата сопствена политика е контрадикторна, а своеволните настапи всушност се дел од проблемот кој ЕУ има да го решава. Унгарија сака да ја затвори границата кон Србија со жица и да ги насочи бегалците кон граничните премини. Берлин, Брисел и Париз го критикуваат ова остро. Што прави тогаш Унгарија? Постепено бегалците ги турка преку границата, но ЕУ ги критикува и за тоа. Потоа Унгарија одеднаш ги прима и затвора во еден приемен логор. ЕУ сепак пак ја критикува. Противречноста е повеќе од јасна: редно е заедницата да донесе одлука – за кое од двете ќе ја критикува Будимпешта – за затворањето на границата или за отворањето, за задржувањето на бегалците или за пропустите.
Ситуацијата е следнава: Берлин не сака да ги врати бегалците од Сирија во Унгарија или во другите европски земји, а всушност ја обврзуваат одредбите на Даблинскиот договор. На овој начин Берлин упатува сигнал кон бегалците дека се добредојдени. Истовремено Германија бара од Унгарија да ја почитува Даблинската регулатива. Но зар Унгарија е должна да си ги пари рацете, за да може Германија да е со чиста совест пред себе?
Политиката спрема бегалците подолго време сега е меѓу задачите кои унгарскиот премиер ги гледа како свој приоритет. Не од вчера предупредува за еден развој што тој го смета за заканувачки и дури експлозивен. Во статија за “Франкфуртер алгемајне цајтунг” пред некое време Орбан напиша дека станува збор не за бегалски проблем, туку за нешто како нова преселба на народите. Статијата предизвика широк одек во Германија и Европа за неговиот остар јазик и невообичаената критика кон другите европски партнери.
Но за Унгарците слични говори не се невообичаени. Виктор Орбан цврсто го следи својот внатрешнополитички курс. При тоа со успех. Откако на почетокот на годината позициите на владејачката партија Фидес и нејзиниот лидер изгледаа премногу ослабени, сега Орбан повторно ја презеде иницијативата во свои раце. Само што пропагандата и сродните навестувања дека требало да се зачува “здравјето на нацијата” и на целиот христијански свет се чисто и едноставно одвраќачки – дотаму што дури Полска во лицето на поранешниот премиер Туск – недвосмислено изрази несогласување во Брисел. Но, тоа е само едната страна на медалот.
Пропаганда и популизам
Другото е дека со изградбата на оградата и со плановите да ги разгледува барањата за азил уште во близина на границата, Унгарија едноставно дава пример за она што Германците, Австријците и Французите го фаворизираат како излез од кризата и им го препорачуваат и на Грците и на Италијанците. Станува збор за тоа во “жешките точки” да бидат изградени приемни логори. Оттаму бегалците да бидат дистрибуирани на квотен принцип во цела Европа. Убава идеја, но примерот со Унгарија и тука покажува дека таа тешко може да се реализира лесно, бидејќи камперите на железничката станица во Будимпешта бќе треба да поднесат молби за азил во Унгарија и потоа да чекаат постапката за азил.
Тие сепак не сакаат такво нешто и немаат намера да останат во Унгарија. Ниту пак сакаат да заминуваат за Литванија или Словачка, а уште помалку за Грција или Бугарија. Бегалците сакаат да бидат прифатени во Германија, Австрија, Англија или Шведска. И тука Виктор Орбан е сосема во право, наведувајќи ја оваа дилема. Не е во право, сепак, кога вели дека проблемот не бил европски, туку германски. Бидејќи засега нема подобар предлог од тоа за распределбата на бегалците на квотен принцип. Тоа сепак не е по вина на Германија, туку по вина на нејзините партнери, вклучувајќи ја и Унгарија.
Во категоричката божем линија на однесување на Орбан всушност има и голема доза лицемерие. Бидејќи Унгарија, за разлика од другите јужни земји од ЕУ, ја исполнува обврската да ги регистрира бегалците. Потоа сепак ги пропушта за долго патување на Запад и не се однесува особено гостопримливо кон нив. Само откако Австрија се закани да враќа бегалци назад, во согласност со Даблинскиот договор, во Будимпешта се кренаа критичните гласови.
Унгарија се обиде да ја префрли на ЕУ вината за сопствените престапи – едно одамна испитана вежба која често се применува и на други места. Всушност европските правила и сега на земјите-членки им дадоа можност да ги сместуваат бегалците на едно место каде тие ќе чекаат постапката за азил. Будимпешта штотуку ја отвори оваа можност и сега сака да се афирмираат и законските транзитните зони. Но од реториката која го придружува тоа, јасно се забележуваат вистинските намери на Будимпешта – надеж дека бегалците ќе заминат по друг пат – не кон Унгарија, туку по можност кон Германија.