Унгарските власти го критикуваат Клуни, го поврзуваат со Сорос

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарските власти го критикуваа Џорџ Клуни, сметајќи дека тој има премногу „ограничено знаење“ за историјата и политиката, затоа што тој американски актер го опиша премиерот Виктор Орбан како пример за „омраза и гнев“ во светот.

„Ние го сакаме актерот Џорџ Клуни… но неговото познавање од историја и политика изгледа прилично ограничено“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Питер Сијарто, на Фејсбук.

Членовите на унгарската влада претходно го обвинија актерот дека е марионета на американскиот милијардер со унгарско-еврејско потекло, Џорџ Сорос, кого Орбан го обвинува за заговор против него преку невладини организации што ги финансира и за охрабрување на имиграцијата во Унгарија.

Неколку провладини медиуми објавија фотографија од Клуни со синот на Џорџ Сорос, Александар.

Клуни неодамна зборуваше за американските медиуми за неговиот последен филм The Midnight Sky и рече дека Орбан и унгарската влада се примери за „омраза и гнев“.

„Ние не бевме среде пандемија кога се снимаше филмот, но имаше толку многу други работи, толку многу омраза и гнев со кои сите се соочивме во овој момент од историјата, низ целиот свет – од (Жаир) Болсонаро во Бразил до Орбан во Унгарија. Погледнете, има многу гнев и омраза“, рече Клуни.

Реагирајќи на критиките од Будимпешта, Клуни денес изјави дека еднаш се сретнал со Сорос на состанокот за мигрантската криза во ОН.

„Го сретнав и неговиот син Алекс еднаш, на митинг во Давос, така што пропагандната машина на Орбан лаже“, рече Клуни.

Актерот додаде дека не очекува неговиот коментар да биде објавен во повеќето унгарски медиуми затоа што со нив управуваат Орбан и неговите најблиски соработници, но дека неговиот глас сепак ќе се слушне некаде.

Слични содржини