УНИЦЕФ и УНХЦР: Непридружуваните и разделените деца кои бегаат од Украина мора да бидат заштитени

од Nikola Popovski

Генералната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел и Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди во заедничката изјава истакнуваат дека меѓу бегалците од Укарина, кои веќе ја надминуваат бројката еден милион, стотици илјади се деца, меѓу кои и такви кои се без придружба или разделени од своите родители или членови на семејството.

-Децата без родителска грижа се под зголемен ризик од насилство, злоупотреби и експлоатација. Штом овие деца се префрлат надвор од границите, ризиците растат. Ризикот за трговија со луѓе исто така се зголемува во вонредни состојби, предупредуваат генералната директорка на УНИЦЕФ Расел и високиот комесар на ОН за бегалци Гранди.

УНИЦЕФ и УНХЦР ги повикуваат сите соседни и погодени држави да осигураат итна идентификација и регистрација на непридружуваните и разделени деца кои бегаат од Украина, откако ќе им се дозволи пристап до територија.

-Државите треба да им обезбедат безбедни катчиња за деца и семејства веднаш по преминувањето на границите и да ги поврзат со државните системи за заштита на децата. Моментната вонредна состојба исто така бара и брзо проширување на капацитетите за итно згрижување со однапред одобрени старатели, како и други витални услуги за заштита на децата, вклучувајќи и заштита од родово-базирано насилство и механизми за влегување во траг и обединување на семејствата, нагласуваат двјацата претставници на светските организации.

Тие истакнуваат дека, за децата коишто се раселени преку граници без своите семејства, привременото згрижување или друг тип згрижување во заедницата преку државниот систем нуди витална заштита.

-Посвојувањето не би требало да се случува за време на вонредни состојби или веднаш по нив. Треба да се направат сите напори да се обединат децата со своите семејства кога тоа е можно, доколку таквото обединување е во нивниот најдобар интерес, велат од УНИЦЕФ и УНХЦР.

Речиси 100.000 деца во Украина, од кои половината се со попреченост, живеат во домови за институционална грижа и интернати.

-Многу од овие деца имаат живи роднини или законски старатели. Имаме добиено извештаи за институции кои сакаат да ги преместат децата на безбедно во соседни земји или подалеку. Иако препознаваме дека под одредени околности хуманитарната евакуација може да значи спасување животи и ги поздравуваме напорите за носење на децата на безбедно, од клучно значење е да се преземат посебни мерки во најдобар интерес на децата и да се обезбеди согласност од нивните родители или лицата одговорни за нивната грижа. Во никој случај семејствата не треба да се раздвојуваат како резултат на преместување или евакуација, потенцираат генералната директорка на УНИЦЕФ Расел и високиот комесар на ОН за бегалци Гранди.

Тие нагласуваат дека лицата кои се законски одговорни за децата во институциите во Украина мора да се погрижат евакуацијата да се врши во согласност со упатствата на државните власти.

-Движењата мора да се пријават до надлежните органи во Украина и соседните држави веднаш по преминувањето на границата и колку што е возможно децата треба да се евакуираат заедно со нивните документи за идентификација и досиеја, велат двајцата високи претставници на светските организации.

УНХЦР и УНИЦЕФ се благодарни за солидарноста и подготвеноста што ја покажуваат државите да ги поддржат непридружуваните и разделените деца, преку можни шеми за преместување. Во исто време, тие потсетуваат дека децата без придружба и кои се разделени се особено ранливи, а нивните итни потреби и безбедност мора да се приоретизираат на краток рок, додека се идентификуваат среднорочни и долгорочни решенија врз основа на нивните најдобри интереси.

Слични содржини