Упад на толпата на Трамп во Капитол: Што се случува со уапсените?

од Stefanija Kuzmanovska

Помина скоро една недела од насилниот упад на толпата на Доналд Трамп во зградата на Капитол во САД. Што се случува со уапсените, одговорни за овој историски  настан?

Би-Би-Си се обиде да даде одговор на тоа прашање.

Колку се уапсени досега?

Досега се уапсени десетици луѓе кои упаднаа во Капитол. Тие се обвинети за дела поврзани со оружје и насилен упад во федерална зграда.

Во неделата, Министерството за правда на САД објави дека се уапсени двајца мажи кои биле снимени во Капитол со пластични лисици.

Властите соопштија дека во државата Тенеси е уапсен Ерик Гавелек Мунчел, маж кој бил снимен како носи неколку комплети пластични лисици во салата на Сенатот.
Лари Рендел Брок, кој упадна во зградата на Капитол носејќи пластични лисици што ги користи полицијата, беше уапсен во Тексас.

Досега никој од нив не беше обвинет за намера да користи лисици, туку за лошо однесување и насилен упад.

ФБИ сè уште трага по десетици бунтовници и побара од јавноста да помогне во идентификувањето на истите.

Што вели ФБИ за апсењата?

Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј ги осуди постапките на луѓето кои упаднаа во Капитол и вети дека ќе бидат уапсени.

„Она што се случи во Капитол тој ден не беше практика на слобода на говор загарантирана со првиот амандман на Уставот, туку напад врз нашата демократија“, рече тој.

„Ние ќе продолжиме агресивно да го гониме секое лице што ќе избере да ги игнорира законите и ќе поттикне насилство, уништува имот и повредува други луѓе“, додаде Вреј.

Обвинителите во државите Охајо, Минесота и Кентаки исто така ветија дека ќе ги гонат сите оние кои пристигнале од тие држави за да учествуваат во немирите во Вашингтон.

Кои се клучните обвинети, кои досега се обвинети?

Џејк Анџели – „шаманот на QAnon“

Џејкоб Ентони Ченсли, попознат како Џејк Анџели и кој се опишува себеси како „шаманот на QAnon“, е добро познат следбеник на неоснованата теорија на заговор на QAnon, и живее во Глендејл, Аризона.

Да потсетиме, следбениците на „QAnon“ веруваат дека Доналд Трамп и таен тим на воени разузнавачки служби се борат против сатанските канибали и педофили во Демократската партија, медиумите, бизнисот и Холивуд.

Ченсли и стана познат на пошироката јавност кога беше снимен во Конгресот со крзнена капа со рогови, мегафон и транспарент на кој пишуваше „Q ме испрати“. Неговото лице беше намачкано со боите на американското знаме. Тој е обвинет за насилен упад и лошо однесување. По апсењето, неговата мајка се пожалила до медиумите дека не сакаат да му подготвуваат исклучиво органска храна во затворот.

На снимките објавени на социјалните мрежи, Ченсли може да се види како тој вика пред владините згради и трговски центри за трговија со деца, а тој редовно се појавуваше на про-Трамп протестите и на протестите на QAnon.

Исто како и многу други следбеници на QAnon, Ченсли верува дека Ковид-19 е измама.

Доналд Трамп, кого следбениците на QAnon го сметаат за херој, не го поддржуваше отворено QAnon, но ги нарече следбениците на таа луда теорија „луѓе кои ја сакаат нашата земја“.

Даг Јенсен – друг следбеник на QAnon

Даг Јенсен, 41-годишник од Ајова, се појави на една од виралните снимки од Конгресот.

Јенсен беше уапсен и обвинет за насилен упад, лошо однесување и попречување на полицајците. Виралното видео покажува како Јенсен брка црн полицаец по скалите на Капитол, следен од голем број луѓе. Притоа, тој носеше маица со зборовите „Верувај во планот“, што е една од паролите на QAnon.

Јенсен подоцна се идентификуваше на Твитер, објавувајќи свои фотографии во просториите на Капитол.

На Твитер, Јенсен редовно изразува поддршка за Трамп и го твитна слоганот на QAnon „WWG1WGA“, што е кратенка за „Каде оди еден, одиме сите“.

Ник Оч – Proud Boys

Ник Оч беше уапсен од ФБИ на аеродромот во Хонолулу, Хаваи, на пат кон дома од Вашингтон.

Тој беше обвинет за нелегален упад во заштитена зграда откако објави фотографија на која пуши цигара во зградата во Капитол, заедно со која напиша: „Поздрав од Капитол ЛОЛ“.

Оч се опишува себеси како „водач на Proud Boys на Хаваи“. Proud Boys се антиимигрантска и екстремно десничарска организација основана во 2016 година, која во своите редови прифаќа исклучиво мажи.

Доналд Трамп зборуваше директно со групата на првата дебата пред претседателските избори. Како одговор на прашањето за вооружените милиции на белите врховисти, Трамп рече: „Чекор назад и бидете подготвени“.

Ричард Барнет

Ричард Барнет е човекот на чии фотографии се гледа како тој ги држи нозете на масата на Ненси Пелоси, демократскиот спикер на Претставничкиот дом.

Потоа беше снимен пред Капитол со плик што го зеде од бирото на Ненси Пелоси. Тој беше уапсен за нелегален влез, лошо однесување во Капитол и кражба на народни пари, имот или документи.

Барнет има 60 години и потекнува од државата Арканзас.

Локалните медиуми објавија дека Барнет бил дел од група која го поддржува правото на поседување и носење оружје, и пред упадот  во Капитол даде интервју на протестот наречен „Стоп за грабежот“, во кој претседателот Доналд Трамп повтори неосновани обвинувања за изборна кражба на претседателските избори во САД.

Зошто мажот што дефилираше околу Капитол со знамето на Конфедерацијата сè уште не е уапсен?

Иако се уапсени десетици бунтовници, оној чија фотографија го обиколи светот сè уште не. Станува збор за човек кој е снимен како парадира околу зградата на Капитол со знамето на Конфедерацијата.

Сликата покажува човек облечен во фармерки и црна тренерка и носи знаме на Конфедерацијата во зградата на Капитол. Изгледа дека има тетоважа под едното око. ФБИ побара од јавноста да помогне да го пронајде човекот.

Зошто сè уште не е уапсен? Одговорот на ова прашање се обиде да даде Макс Абрамс, професор по политички науки на универзитетот Нортвестерн, специјализиран за теми за борба против тероризам.

„Процесот на идентификување и апсење може да потрае. Можно е тој да е личност која нема многу познаници или пријатели, а можно е да е опкружен со луѓе кои го поддржуваат и не сакаат да им го откријат неговиот идентитет и локација на властите“, изјави Абрахмс за Би-Би-Си.

Слични содржини