Употреби и фрли нa улицa: Ниската свест може да не доведе до инфицирање со коронавирусот

од Берта Китинска

По тротоари на дрвја, до канта никако во неа….маските и ркавиците веќе една година се декор низ улиците.

Откако започна пандемијата со коронавирусот  носењето на лична заштита стана дел од нашето секојндеви со цел да се заштитиме од преносливоста на вирусот. Маските за еднократна употреба се најевтини и најкористени меѓу граѓаните,но тие се и најчесто ѓубре кое се забележува.

Ниската свест кај граѓаните

Секојдневната глетка на расфрлени искористени заштитни маски и ракавици насекаде околу нас, укажува на ниската свест кај граѓаните за негативните последици врз јавното здравје и природата. Најпрво, искористената заштитна опрема е потенцијален преносител на коронавирусот, имајќи предвид дека вирусот може да преживее до седум дена на пластика или на маска за еднократна употреба. Комуналните работници се во „првите борбени редови“ кога ја собираат несоодветно фрлената заштитна опрема, но исто така неформалните собирачи на отпад се соочуваат со овој ризик. Понатаму, јас лично имам посведочено за ре-употреба на веќе искористена заштитна маска, за чиишто последици воопшто не треба да се коментира, за „Локлано“ вели Билјана Матевска од „Флорозон“.

Потребни се десетици години да се распаднат

Најголемиот дел од заштитните маски и ракавици се изработени од пластични материјали кои се со долг век на траење и доколку се фрлат во природата, ќе им бидат потребни од десетици до стотици години да се распаднат (во зависност од материјалот). Воглавно и при нивното разложување, тие нема да исчезнат, туку ќе се разградат на мали делови, односно на микро пластика, која е токсична за сите живи битија на планетата. Влијанието на пластиката врз целокупниот жив свет е длабоко истражувано и токму поради тоа се цели кон нејзино целосно исфрлување од употреба, вели Матевска.

Ковид отпадот не се фрла на ист начин како ѓубрето

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат до жителите на градот употребената заштитна опрема да не ја исфрлаат на јавни површини, односно истата уредно спакувана да ја одлагаат исклучиво во посебните садови или директно во контејнерите и на тој начин да го заштитат здравјето на вработените во Претпријатието, коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран и опасен отпад.

-Потребно е овој тип на отпад да се одлага на соодветен начин соогласност препораките. Без разлика дали е употребуван од лице кое е заболено или пак во изолација потребно е да биде соодветно спакувано во двојни кеси со цел вработените да бидат заштитени од можни заболување, велат од КХС.

Наскотие и препораките  за менаџирање со овој отпад се зададени од Министерството за животна средина

-Изработени се упатства со цел граѓаните и комуналните претпријатија да се прилагодат на новите услови во текот на пандемијата и да преземат мерки за зачувување на своето и здравјето на другите, информираат од МЖСПП.

Препораките се:

  • Личниот отпад (како хартиени марамчиња, крпи за чистење за еднократна употреба, маски или ракавици) се одлагаат безбедно во вреќи за отпад за еднократна употреба!
  • Вреќите наполнети најмногу до 2/3 од нивниот капацитет, спакувани во втора вреќа и убаво затворени, се безбедни за одлагање во вообичаениот контејнер за отпадоци од домаќинството. Другиот отпад од домаќинствата се отстранува на вообичаен начин.
  • Дополнително укажување за постапување со отпад од заштитна опрема.
  • Потребно е носење на заштитна опрема на комуналните работиници, односно сите собирачи на отпад и применување на претходно изнесената процедура за отстранување на заштитната опрема од страна на сите лица кои ја користат во рамки на своето работење.

Маските и ракавиците завршуваат во Дрисла

Пред извесно бреме ЈП „Комунална хигиена“ со Центарот за еколошка демократија „Флорoзон“, на триесетина локации пред поголемите маркети во градот поставија специјални садови за одлагање отпад од заштитна опрема, кој потоа се префрла во садовите на Претпријатието (контејнерите) и го транспортираат неговите екипи до депонијата.

-Со самото поставување на корпите на точно определени локации, се изврши обука на вработените од маркетите пред кои се поставени корпите, кои се надлежни за соодветно одлагање на отпадот од корпите (во жолти кеси), во најблиските општински контејнери. Понатаму, ЦЕД Флорозон потпиша Меморандуми за соработка со локалните јавни комунални претпријатија и се овозможи соодветна обука на вработените во иститие, со цел нивно информирање за локациите на општинските контејнери во кои се одлага КОВИД-отпадот од корпите за таа намена, за нивен безбеден понатамошен третман, вели Матевска.

Овој вид на отпад се третира ист како отпадот кој се генерира од домаќинствата и на крај завршуваат во депонијата Дрисла.

Загадувањето со пластика една од најголемите закани

Предизвикот е значително поголем кај оние држави кои немаат резервни планови и стратегии во случаи на непредвидени вонредни состојби. Тоа дополнително укажува на степенот на развој на политиките на национално ниво и оттука, се препорачува итно усвојување на стратегии и планови за управување со отпадот за време на епидемија/пандемија.

-Имајќи предвид дека развиените држави од самиот почеток на кризата со коронавирусот ја детектираа ургентноста од импелментација на дополнителни мерки за намалување на ширењето на вирусот од потенцијално контаминираниот отпад, претставува јасен показател дека властите мора во најбрз можен рок да делуваат, како на национално, така и на локално ниво. Доколку за изработка на новата Национална стратегија за управување со отпадот се потребни уште три или четири години, во тој случај, потребно е воведување мерки за управување со КОВИД-отпадот во Националниот план за управување со отпад на Република Северна Македонија 2020 – 2026. Оттука, преку мерките во Националниот план, директно ќе се влијае на Регионалните планови и Програми за управување со отпадот, така што ќе се опфати територијата на целата држава, вели Матевска.

Таа нагласува дека интензивна јавна кампања за подигнување на свеста кај граѓаните за правилно одлагање на КОВИД-отпадот од домаќинстват е една од нивните препораки која е од круцијално значење за успешно справување со предизвикот за намалување на ширење на коронавирусот од КОВИД-отпадот.

-Потребно е граѓаните да се запознаат со негативните последици врз јавното здравје и врз природата при несоодветно одлагање на искористената заштитна опрема. Владиниот, невладиниот и бизнис секторот треба со заеднички сили да работат во насока на подигнување на генералната свест за овој проблем и со взаемни дејствија да придонесат кон имплементација на позитивни општествени практики, вели Матевска.

Б.М

Слични содржини