УПОЗ: Усогласувањето со минималната плата, ќе значи за 26% повисоки плати за вработените во администрацијата и правосудството

од Берта Китинска

Синдикатот на работниците од управата,правосудните органи и здруженијата на граѓани не отстапуваат од барањето со зголемување на минималната плата,скалесто да се зголемат и останатите плати. Изминатава недела тие во неколку наврати алармираа дека доколку до март не се испочитува Законот за минимална плата и колективните договори, вработените во администрацијата и правосудството ќе излезат на улица.Како потркрепа на своите барања од УПОЗ аргументираа дека од 2012 год. досега, минималнат плата е зголемена за 120 % а платите на административците и вработените во правосудството едвај 10%.

“Доколку не се испочитуваат законот и колективните договори, вели во интервју за Локално.мк првиот човек на УПОЗ Трпе Деановски, одредена категорија на вработени во администрацијата ќе дојдат до минимална плата, што значи дека самата држава ги прави административните службеници и правосудните и обвинителските и сите останати на ниво на минималец. Второ, бидејќи нашите плати се пресметуваат по образование и нивото на кој што е распределен работникот, работници со пониско образование ќе ги надминат вработените кои имаат повисоко образование”.

Од УПОЗ сепак оставаат простор Владата позитивно да одговори на барањата, со што според нивните пресметки, платите на вработените ќе се зголемат за 26 %. “Ова не е покачување, туку усогласување на сите плати со растот на минималната плата. Сега се инсистира на тоа пред се поради ценовните шокови. Само на тој начин вработените во администрација и приватен сектор ќе можат да сврзат крај со крај. Со актуелните цени на струјата, гориво и на прехрамбените производи, единственото што ќе не спаси е усогласување на сите плати со порастот на минималната плата”, дециден е Деановски.

Зголемувањето на минималната плата предизвика лавина реакции кај синдикатите а особено гласни се вработените во администрацијата и правосудството. Како синдикат на УПОЗ алармирате дека со мартовската плата, голем број вработени ќе влезат во категоријата приматели на минимална плата.На што ги темелите вашите барања да се зголемат платите и на овие вработени?

-Ако минималната плата во минатото беше 12 000 или 13 000 ден. сите други вработени што беа над минималната плата имаа за околу 500 до 1000 денари над таа плата.Во 2017 год. кога се случи највисокото зголемување на минималната плата, поради различниот систем на плати во администрацијата и Законот на минимална плата, голем број вработени во администрацијата останаа на ниво под минималната плата. Тогаш минималната плата дојде до износ од 15.194 денари, а административните службеници останаа на плати од 14.500 односно 14.900 ден.Со тоа, две категории во администрацијата останаа под минималната плата, а другите нивоа односно категории во администрацијата не добија зголемување односно усогласување на платите со покачувањето на минималната плата.Така беше и остана, од моментот на воведување на минимална плата во 2012 година па се до сега.

Дали на Економско- социјалниот совет стана збор за ова прашање?

-Во понеделникот видовме дека Економско социјалниот совет донесе одлука со која имаме драстично зголемување на минималната плата од 15.200 на 18.000 денари. На тој состанок беше кажано дека сите плати без разлика дали се работи за администрација, јавен сектор или приватен сектор ќе си останат на исто ниво. Законот за минимална плата, односно членот 8 од Законот е јасен и вели дека при секое усогласување на минималната плата мора да се усогласат и сите останати плати со колективните договори.Доколку ова не се случи, прво и основно ќе биде да одредена категорија на администрацијата ќе дојде до минимална плата, што значи дека самата држава ги прави административните службеници и правосудните и обвинителските и сите останати на ниво на минималец. Второто ќе значи дека бидејќи нашите плати се пресметуваат по образование и нивото на кој што е распределен работникот, работници со пониско образование ќе ги надминат оние вработени што се со повисоко образование.

Од 2012 година досега, минималната плата неколкупати беше зголемена но иако Законот тоа го утврдил, не беше направено усогласување на останатите плати.Зошто?

-Тоа треба да го одговорат надлежните.Тоа не е барано прв пат, сега се бара бидејќи зголемувањето на минималната плата е драстично и ќе направи голема разлика меѓу граѓаните во државата.Затоа се бара да се употреби тој член 8 и скалесто да се покачат, односно да се услогласат сите плати. Ова не е покачување, туку усогласување на сите плати со растот на минималната плата. Сега се инсистира на тоа пред се поради ценовните шокови. Само на тој начин вработените во администрација и приватниот сектор ќе можат да сврзат крај со крај. Со актуелните цени на струјата, гориво и на прехрамбените производи, единственото што ќе не спаси е усогласување на сите плати со порастот на минималната плата.

Што во пракса ќе значи скалестото зголемување на платите на вработените? Колкав ќе биде износот на платите и какви проблеми можат да се јават доколку не дојде до тоа?

-Скалесто значи дека ќе се доплати разликата од тоа колку досега била минималната плата ( 15.194) и новата од 18.000 ден. Тоа е околу 2 800 денари по вработен доколку се направи усогласувањето. Доколку треба да се направи покачување на платите нашите прогнози се дека покрај усогласувањето плус околу 26 % треба да дојде зголемувањето на платите на вработените во администрација и правосудството. Најниската плата во администацијата- правосудството е под минималната. Најниската плата е 14.500 денари. Доколку се усогласи платата, месечните примања на многу вработени ќе се изедначат.Доколку имаме вакво усогласување на минимална плата тоа е вториот проблем што ни се јавува Една категорија која сега има различни плати, ќе дојдат во категоријата каде сите ќе имаат исти плати.Таа категорија се вработени со средно образование. Кога ќе добијат минимална плата, плус кога ќе се пресмета стажот, тие ќе ги надминат вработените со високо образование кои според закон треба да имаат малку повисока плата од нив- од 2000 до 3000 денари во зависност од тоа на кое ниво се.Тука се јавува најголемиот проблем во администрацијата и правосудството.

Дополнително на тоа, помошно техничкиот кадар- хигиеничари, возачи и др. ќе бидат на исто ниво со референтите со средно образование, а тие што имаат решение за административен службеник ќе ги надминат вработените со високо образование.

Доколку не се направи скалесто усогласување на платите, секоја група, секое ниво на вработени да отиде нагоре, ќе се јават најпрво суштествени проблеми со платите а дополнително ќе се појави огромно незадоволство кај вработените .

К.В.С.

Слични содржини