УПОЗ: Вработените во државната управа и правосудството имаат плати пониски од просечно исплатената во државата

од Берта Китинска

Платите на вработените во државната управа и правосудството ќе биде главното прашање за кое Синдикатот на УПОЗ во следниот период ќе преговара со Владата. Писма со барање за средба се веќе испратени до Министерството за правда, до МИОА и до Министерството за финансии, но од таму се уште нема одговори. Претседателот на УПОЗ Пеце Груевски и генералниот секретар Трпе Деановски во интервју за Локално.мк откриваат дека министерот Маричиќ на една од нивните последни средби го прифатил предлогот на Синдикатот како основа за разговор .

„Висината на платите на овие вработени за жал воопшто не го следи порастот на цените на основните производи за живот и е далеку под износот на синдикалната минимална кошничка која за месец мај изнесува 34.000,00 денари. Поразителен е фактот дека скоро 95% од вработените во државната управа и правосудството имаат плати кои се пониски од просечната плата исплтена на ниво на државата, и неоправдано се на постојан удар на јавноста’’, вели Груевски.

Не одстапуваат од барањето за усогласување на платите на судските и јавнообвинителските службеници со платите на судиите и обвинителите. „Затоа бараме во делот на правосудството Синдикатот да има свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судската служба, со што би имал свое влијание. Сите аномалии произлегуваат од тоа што Судскиот буџет, судиите го третираат дека е само за нив, средства за нив мора секогаш да има, а за вработените секогаш средства не достигаат. Затоа се бориме ова да се промени од корен’’, категоричен е Деановски.

На јубилeјот од одбележувањето 30 години од основањето на УПОЗ министерот Маричиќ изјави дека дури и кога не сте се согласувале за одредени работи, сепак сте успевале да дојдете до заедничко решение.Дали е оваа реченица сепак козметичко разубавување на некоии ситуации и преговори каде патот до усогласувањето на ставовите не изгледаше така лесен?

Со министерот Маричиќ, како и со сите претходни министри почетните разговори ветуваат дека Синдикатот на УПОЗ како репрезентативен синдикат ќе учествува во сите реформи во правосудството. Истовремено, со измените на законите, постигнавме договор, Синдикатот да биде вклучен во одредени органи каде се носат одлуките за вработените во правосудството и се значајни за правата од работен однос. Од тие причини конкретен одговор на Вашето прашање не би можеле да дадеме сега. Доколку договореното со Министерот се оствари, а се надеваме дека ќе се реализира, тогаш можеме да кажеме дека се работи за вистински социјален дијалог, а не за козметичко разубавување на ставовите.

Барате усогласување на платите на судските и јавнообвинителските службеници со платите на судиите и обвинителите . Ова барање се провлекува со години, но засега надлежните не покажаа многу слух. Зошто мислите дека сега ќе биде поинаку?

Не мислиме дека ќе биде поинаку туку се бориме да биде тоа да го промениме. Затоа бараме во делот на правосудството Синдикатот да има свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судската служба, со што би имал свое влијание. Сите аномалии произлегуваат од тоа што Судскиот буџет, судиите го третираат дека е само за нив, средства за нив мора секогаш да има, а за вработените секогаш средства не достигаат. Затоа се бориме ова да се промени од корен.

Инсистирате на коренити реформи во судовите и јавните обвинителства. Покрај делот со платите и надоместоците, на што се останато би се однесувале овие реформи?

Повисоки плати, донесување на целосно нови закони за судската и јавнообвинителската служба со кои ќе се овозможи полесна и задолжителна постапка за унапредување на вработените, учество на Синдикатот во изготвување на буџетот на судовите и обвинителствата, пополнување на бројот на испразнети места со цел за поефикасно работење, подобрување на условите за работа и поголема заштита на безбедноста и здравјето на вработените.

По објавување на податоците за зголемувањето на синдикалната кошничка за месец јуни, логично се наметнува прашањето за износот на платата која треба да го следи овој загрижувачки раст. Дали и колку можат да го истуркаат месецот службениците во правосудните органи?

Синдикатот на УПОЗ е синдикат во кој се здружени вработените од управата и правосудството. Висината на платите на овие вработени за жал воопшто не го следи порастот на цените на основните производи за живот и е далеку под износот на синдикалната минимална кошничка која за месец мај изнесува 34.000,00 денари. Поразителен е фактот дека скоро 95% од вработените во државната управа и правосудството имаат плати кои се пониски од просечната плата исплтена на ниво на државата, и неоправдано се на постојан удар на јавноста. Од овие причини покренавме иницијатива пред Владата и бараме преговори за поинаков начин на пресметка на нивните плати кои ќе ги следат растот на животните трошоци и сразмерно на тоа и да се зголемуваат платите.

Се изборивте да се укинат повеќе пакет мерки на Владата кои се однесуваат на намалувањето на голем број работни места во јавната администрација, да нема прогласување технолошки вишок и принудни одмори.Колку е реално ова да продолжи и од Септември, за кога приватниот сектор најавува бран отпуштања?

Во јавноста доста често не се прави дистинкција кога се зборува за вработени во јавниот сектор и државната администрација. Во државната администрација согласно последните извештаи на МИОА постојат голем број на непополнети работни места, што лесно може да се утврди кога ќе се погледнат актите за систематизација на работните места во институциите. Од тие причини во организациите каде што Синдикатот на УПОЗ има свои членови не гледаме дека има простор за намалување на работните места. Доколку работодавачите мислат спротивно и одлучат да има намалување на работните места ние како Синдикат ќе ги преземеме сите со закон дозволени средства за заштита на членовите на синдикатот кои се вработени во државната администрација.

До каде е најавената реформа за спојувањето на институции во администрацијата, во однос на која имавте барање да се спроведе без губење на работните места?

За да се спроведе оваа реформа потребно е да се донесат нови закони и да се изменат постојните закони кои го регулираат работењето на органите во државната управа. Согласно нашите информации овие закони се сеуште во процедура. Очигледно престои сериозен процес на реформи кој ќе биде нов предизвик за нашиот Синдикат но ние нема да одстапиме од барањето оваа реформа да се спровде без губење на работните места.

Обединувате 110 синдикални организации.Колку беше долг патот за да дојдете до оваа бројка?

Процесот на окрупнување во Синдикатот на УПОЗ е секојдневен. Ние сме доброволна организација и има и пристапување но и истапување од членство. На наше огромно задоволство пристапувањето е многу помасовно, а истапувањето незначително. Тоа ни дава поттик да истраеме во нашата работа особено што во последниве неколку години нашата работа и активност ја препознаа вработените во повеќе установи и институции во управата и правосудните органи и на иницијатива на вработените се формирани повеќе синдикални организации кои пристапија во Синдикатот на УПОЗ. Меѓутоа, Синдикатот на УПОЗ во континуитет има активности кои се видливи и за членството и за јавноста. Нема да биде нескромно ако кажеме дека УПОЗ бил и остана авангарда на синдикалното движење во Македонија. Па така Синдикатот на УПОЗ беше прв примен во светската и европската федерација на вработените во јавниот сектор PSI и ЕПСУ. Истовремено овој Синдикат секогаш имаше храброст кога не беше задоволен од некои законски решенија незадоволството да го искаже со протести и штрајкови. Во тој контекст ќе останат запаметени 80 – дневниот штрајк во судовите кој започна во декември 2000 година, а заврши во февруари 2001 година, и 60 – дневниот штрајк во судовите во 2016 година. Синдикатот на УПОЗ беше прв кој формира Солидарен фонд од кој членовите добија паричен надоместок за одржаните штрајкови, а ги помага своите членови со повратни и неповратни средства по многу основи и уште многу други активности.

Не е тајна дека во македонското општество некои од синдикатите се продолжена рака на големите политички партии. Дали трпите притисоци од ваков тип, и воопшто колку е тешко да се води синдикална борба во вакви услови?

И ние како Синдикат го кажуваме истото дека некои синдикати се под директно влијание на политичките партии или работодавачи. Успеавме во овој период да останеме настрана од политичкото влијание и од влијанието на работодавачите. Затоа ја имаме и довербата од нашето членство кое тоа го гледа. Синдикатот на УПОЗ во 2015 година доживеа сериозен удар од една политичка партија која сакаше да завладее со овој Синдикат, меѓутоа успеавме да се ослободиме од канџите на политичкото влијание, да го одбраниме синдикатот и тој да остане понатаму независен и непартиски. Членството го препозна тоа и пружи силен отпор. Во овој период има само одредени мали притисоци од некои работодавачи, кои го игнорираат синдикатот и не соработуваат.

Соработувате со синдикални организации во регионот и пошироко. Кои се сличните проблеми со кои и тие се соочуваат на полето на одбрана на работниките права, во што имате извојувано повеќе победи од нив, а каде се резултатите далеку под очекуваните?

Точно е дека Синдикатот на УПОЗ и на меѓународен план остварува интензивна соработка за размена на искуства и за унапредување на правата на вработените во Македонија. Проблемите се речиси идентични кај сите синдикати од регионот. Односот на Владата како работодавач скоро секаде е ист и без оглед на декларативните заложби на сите за вистинско социјално партнерство, работодавачите – во случајот владите, одвреме на време покажуваат моќ искажана преку непочитување на договореното или утврдените права од колективните договори.Синдикатите од регионот до скоро предничеа во поглед на колективното договарање. Последниве години дојдовме со потпишување на Гранскиот колективен договор за вработените во државната управа и правосудните органи и 30-ина поединечни колективни договори на ниво на работодавач, можеме да кажеме дека во овој момент сме понапред од нив. Со склчените колективни договори не само што ги подобривме правата од работен однос туку и ги вративме и унапредивме дел од изгубените права од минатиот период.

К.С.В.

Слични содржини