Управа за извршување санкции ја демантира Левица: Нема организирано учество на затворска полиција на настанот во Крушево

од Nikola Popovski

Управата за извршување на санкциите со внимание ги проследи објавите на електронските медиуми во кои партијата „Левица“ бара од министерот за правда да го разреши директорот на КПУ Затвор Скопје – Филип Андов за наводно ангажирање на припадници на затворската полиција од затворот Скопје и малтретирање на партиски член на прославата на државниот празник Илинден.

Од Управата велат дека ја провериле веродостојноста на наводите и побарале информација од директорот на КПУ Затвор Скопје.

-Согласно добиените сознанија, Управата за извршување на санкциите демантира какво било организирано учество на припадници на затворската полиција во настанот кој се случил во Крушево. Припадниците на затворската полиција ги извршуваат своите работни задачи институционално т.е. во казнено-поправните установи каде се вработени и немаат никакви овластувања да постапуваат по ничија наредба надвор од затворскиот систем и поврзано со службените задачи, како и вон работното време. Доколку некој во приватно својство учествува во таков или сличен настан, не може обвинувањата да се упатат на кој било функционер кој раководи со институцијата и на сите припадници на затворската полиција , како и да се политизира настан кој нема таква позадина, стои во соопштението од Управата за извршување на санкции.

Левица вчера објави дека нивниот член Игор Смилев бил малтретиран од затворската полиција под директива на Андов.

-Членовите на Левица побараа прво насилниците да покажат легитимитација, кои продолжија со навреди и закани. Сето ова кулминираше со физичко насилство, при што нашиот Смилев беше турнат на земја! Ангажирање на затворска полиција за јавни настани е директно прекршување на законските прописи, со што истата се злоупотребува за тесно партиски интереси, соопштија од опозициската партија.

Слични содржини