Уште две земји најавија испраќање тенкови во Киев: „Ќе и помогнеме на Украина додека се бори за слобода“

од Vladimir Zorba

Властите во Канада и Франција ветија дека ќе испратат тенкови во Украина. Овие две земји ќе го следат примерот на САД и Германија, кои во средата најавија дека ќе го испорачаат ова тешко оружје во Украина.

Канадската министерка за одбрана Анита Ананд во четвртокот рече дека ќе испорача дополнителни четири тенкови Леопард 2, додавајќи на 14-те што Германија ги испраќа. Таа вели дека оваа донација, во комбинација со донацијата на сојузниците и партнерите, значително ќе им помогне на вооружените сили на Украина кои херојски се борат за слободата и суверенитетот на својата нација.

Ананд додаде дека ќе бидат испратени и канадски војници да им помогнат на украинските војници и да ги обучуваат како да управуваат со овие оклопни возила.

Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона нагласи дека Франција ќе испрати тенкови и на украинските партнери.

„Како што знаете, веќе испорачавме артилерија, муниција и оклопни возила и на почетокот на јануари објавивме дека Франција ќе испорача тенкови АМКС-10“, рече таа.

Колона ова го откри на заедничката прес-конференција со нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба во пристанишниот град Одеса.

Тие двајца разговарале во бункер, бидејќи околу овој град се уште се водат жестоки борби.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање и се заблагодари на канадската влада за поддршката.

Тој исто така рече дека руската агресија може да се запре само со „соодветно оружје“.

„Терористичка држава нема да разбере ништо друго. Ни треба оружје на бојното поле. Оружје што го штити нашето небо“, рече Зеленски.

Неговите коментари уследија по новите руски ракетни и беспилотни напади. Во нападите, кои го погодија главниот град Киев и други украински градови, загинаа најмалку 11 лица, а беа оштетени неколку згради и енергетски објекти низ целата земја.

Слични содржини