Уште еден обвинет за случајот „Двојник“ го призна делото

од Nikola Popovski

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба продолжува судењето за петмина од обвинетите за случајот „Двојник“, за нелегално издавање пасоши на странски државјани, а уште еден од обвинетите признал вина, со што се стигна до бројката од шестмина.

За него се очекува да се изрече пресуда во текот на денот. Тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања.

На првото рочиште за случајот, од првично обвинетите 11 лица, петмина признаа вина, а постапката беше раздвоена за обвинетата Наздрие Зековиќ, која од здравствени причини не беше присутна, а која преку својот бранител преднајави признание на вина.

Обвинителниот предлог за овој случај беше поднесен на 14 април. Обвинетите од МВР се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а посредникот за поттикнување.

Судот ги прогласи за виновни за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување четворицата вработени во МВР, кои претходно признаа вина и им одреди казни затвор и тоа: казна затвор од две години и седум месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години за обвинетиот Денис Баруфи, казна затвор од две години и три месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години на Ален Личина, на Ѓорѓе Велков казна затвор од две години и мерка забрана за вршење дејност и должност десет години, додека на Фарук Виља, му одреди алтернатива мерка  условна осуда од шест месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од две години не го повтори делото, како и забрана за вршење дејност и должност во период од три години. На Раиф Мифтари, судот му одреди казна затвор од две години и три месеци за кривично дело поттикнување.

Обвинетите издавале пасоши бидејќи, според Обвинителството, имале материјална корист. За пасошите тие, според ОЈО Скопје, користеле идентитети на македонски државјани кои досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија.

Слични содржини