УШТЕ ЕДНА СВЕТСКА ВАЛУТА ДОБИВА ДИГИТАЛНА ФОРМА: Првата фаза од експериментот до март 2022 година

од Vladimir Zorba

Банката на Јапонија (БОJ) во понеделникот објави дека започнала експерименти за проучување на можноста за издавање сопствена дигитална валута. Со овој потег им се придружува на другите глобални централни банки во истражувањето на опциите во дигиталниот сектор.

Веќе постои т.н. крипто долар, Кинезите подготвуваат план за дигитален јуан да влезе во масовна употреба, а Русија исто така најави тестирање на руската рубља во електронска форма, оваа година. Покрај тоа, Шведска има намера да стане првото „кеш лес“ општество во светот, со воведување на дигиталната круна.

Според регулаторот, првата фаза од експериментот ќе биде изведена до март 2022 година и ќе се фокусира на испитување на техничката изводливост на издавање, дистрибуција и купување дигитална валута на централната банка (CBDC). Потоа, ќе премине на втората фаза од експериментите, кои ќе ги проучуваат подеталните функции: на пример, дали да се постават ограничувања на количината на CBDC што може да ги има секој субјект.

Планот на Јапонската банка да започне со експерименти со тоа како да управува со сопствената дигитална валута беше објавен во октомври. Нејзиниот извршен директор, Шиничи Учида, минатиот месец рече дека банката, доколку е потребно, ќе започне пилот програма со вклучување на даватели на услуги за плаќање и крајни корисници.

Објавата на Јапонската банка доаѓа во време кога глобалните централни банки напредуваат со иницијативи за развој на сопствени дигитални валути. Тие се обидуваат да ги модернизираат финансиските системи и со тоа да ја одбијат „заканата“ што доаѓа од криптовалутите, како и да ги забрзаат домашните и меѓународните плаќања.

Во Кина, во моментов се одвива големо пилот-тестирање на дигиталниот јуан во поголемите градови низ целата земја. Националната централна банка планира да ја подготви суверената дигитална валута навреме за Зимските олимписки игри во 2022 година.

Слични содржини