Украинскиот боксер Олександр Усик (38) и Британецот Даниел Дубоа (27) ќе се борат на 19 јули на стадионот „Вембли“ во Лондон за титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија.
Ова ќе биде нивниот втор судир, при што Дубоа ќе се обиде да му се одмазди на Усик за поразот што го претрпе во борбата одржана во август 2023 година во Вроцлав, Полска.
Британецот моментално го држи појасот за светски шампион во IBF, додека Украинецот ги поседува преостанатите три титули (WBA, WBO и WBC).
Да потсетиме, во мај минатата година, Усик напиша ново поглавје во историјата на професионалниот бокс, станувајќи прв апсолутен светски шампион во тешка категорија со победата над Тајсон Фјури.
Потоа, повторно го победи Фјури во декември истата година, но мораше да се откаже од титулата во IBF пред тој меч.
Дубоа стана сопственик на тој појас и ја одбрани доделената титула против сонародникот Ентони Џошуа во септември 2024 година.
Иако требаше повторно да ја одбрани титулата во февруари во борба против Новозеланѓанецот Џозеф Паркер, Дубоа мораше да се повлече од мечот неколку дена пред неговото одржување поради болест.