Успешен третман на терапија со озон: Првиот пациент пуштен од болница

од Aleksandar Petrovski

Закрепнувањето и кај тешко болни пациенти се случило нагло, а експертите проценуваат дека озонотерапијата значително ќе го намали бројот на смртни случаи и времето поминато од пациентите заразени од коронавирус во болниците.

Шпанската телевизија „Миленио“ го сними излегувањето на пациент кој бил третиран со озонотерапија и се излекувал од Ковид-19. Покрај тоа, тие беа заинтересирани за мислењата на научниците и лекарите за ефектот на озонираната крв врз вирусот.

Терапијата со озон применета на пациенти со Ковид-19 може да биде корисна и како дополнителна терапија за скратување на хоспитализацијата, дури и некои пациенти во Кина, Италија и Шпанија се опоравиле по примената на оваа терапија. Овој вид на терапија се смета за здравствена технологија која користи медицински озон што се применува на различни начини, пред се интравенозно, со цел лекување на одредени болести, иако сè уште не е призната од СЗО. Лекарите интервјуирани од „Миленио“ рекоа дека се надеваат дека ќе направат сеопфатно клиничко испитување со поддршка на СЗО, со цел техниката да биде научно препознаена како уште една терапија во третманот на Ковид-19, пренесува шпанската телевизија.

Еве што велат експертите и лекарите од шпанските клиники за овој вид третман на Ковид-19:

– Во моментов има две клинички испитувања кои се започнати во Вухан, исто така се забележани многу добри резултати во Италија, а има и едно клиничко испитување кај Умберто I. Истражувањето се заснова на претходна пилот студија спроведена во болница во Удине, каде биле третирани 36 пациенти, од кои на 35 повеќе не им била потребна интубација – изјавил д-р Хозе Баеса, Потпретседател на Светската федерација за озонска терапија.

Тој додаде дека ова претставува намалување на 80% од пациентите кои имаат потреба од интубација, што дава надеж за намалување на бројот на смртни случаи и должината на времето што пациентите треба да го поминат во болници.

– Сметаме дека најважно е да се намали времето што е потребно за еден пациент да помине во болница и да прима терапија, а од друга страна, доколку се потврдат овие бројки кои велат дека стапката на интубирани пациенти е намалена за 80%, тоа ќе влијае на намалување на смртноста – заклучи д-р Баес.

Лекарите од шпанските клиники и поликлиниките се јасно задоволни од ефектите од овој вид на терапија.

– Знаеме дека интубираните пациенти имаат лоша прогноза, поради што почнавме да размислуваме дали терапијата со озон може да им користи за да избегнат интубација. Ние тоа го предложивме на еден од нашите пациенти, тој се согласи, потпишавме согласност и ја применивме терапијата – вели д-р Алберто Ернандез, специјалист за анестезиологија.

Тој посочува дека, на изненадување на сите лекари, подобрувањето на здравјето на пациентот се случило многу брзо, и така веќе попладне на пациентот не му требал кислород преку маската, туку само преку носната канила.

Лекарите исто така покажаа како се применува озонотерапијата односно како озонирана крв се враќа на пациентот, а Серхио Тонели, пациент третиран со озонска терапија, рече дека веќе почуствувал олеснување за време на првата доза на терапијата.


– Кога започнаа да користат ваков вид на терапија, првиот ден, за време на првата сесија, се чувствував подобро, затоа што пред тоа не знаев дали ќе излезам од овде или не. Сепак, веќе по првата сесија, се чувствував охрабрен. Медицинската сестра ми рече дека состојбата ми се подобри и јас бев многу задоволен – рече Тонели.

По втората сесија, вели тој, се чувствувал многу подобро и, следствено, имал надежи дека ќе победи.

Слични содржини