Уставен го отвори патот на Судот во Стразбур да ги отфрли тужбите поднесени против државата од страна на обвинети од СЈО

од Vladimir Zorba

Уставниот суд на денешната седница одлучи дека поништувањето на аболиција на претседателот Ѓорге Иванов, за лицата опфатени во предметите на СЈО, е уставна и законска затоа што не смее на граѓаните да им се скрати правото за повлекување на аболиција доколку сметаат дека својата невиност можат да ја докажат пред суд. Ова значи дека Иванов имал во право кога решил да ја повлече аболицијата во јуни 2016 година, инаку дадена два месеца претходно, во април.

Со оваа денешна одлука на Уставен суд практично продолжуваат да се процесуираат сите предмети на СЈО, затоа што аболицијата на Иванов се однесуваше на осомничени и обвинети од СЈО, иако во списокот помилувани Иванов имаше и грешки со имиња на сведоци и на лица кои воопшто не биле третирани од СЈО. Дополнително, со ваквата одлука на уставните судии му се отвора патот на Судот за човекови права во Стразбур лесно да ги отфрли тужбите поднесени против државата од страна на обвинети од СЈО.

Тие ја тужат државата во Стразбур за кршење на човековите права со тврдење дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече. Но Уставен суд одлучи дека сепак може, па така од денеска повлекувањето на аболицијата е законско. Со тоа паѓаат во вода наводите кои ги изнесуваат тужителите дека им се прекршени правата со тоа што Иванов им ја повлекол аболицијата.

Ситуацијата стигна до Стразбур и до Уставен суд затоа што во април 2016 година, Иванов даде колективна аболиција на 56 лица која немаше законска основа. Тој се повика на членот 11 од Законот за помилување кој практично бил избришан во 2009 година. Во 2016 година Уставен суд ги укина измените во Законот за помилување од 2009 година мислејќи дека така ќе го вратат на сила членот 11 кој на претседателот му дава дискреционо право да помилува кого сака и кога сака. Но, со таа одлука на уставните судии од 2016-та членот 11 немаше како да се врати во правниот поредок затоа што бил избришан од парламентот. Тоа не му сметаше на Иванов и даде аболиција врз основа на член кој не постои, кој не е на сила.

Откако сфати што направи и какви реакции предизвика Иванов посегна по тоа да ја повлече аболицијата, но и тоа немаше како да го направи. Затоа пратениците во 2017 година вметнаа член 11а во Законот за помилување со кој му дадоа право на Иванов да може да повлече еднаш дадена аболиција. Денеска Уставен го потврди тоа, дека повлекувањето на аболицијата е законско. Затоа тужбите на обвинетите од СЈО во Стразбур стануваат беспредметни.

Слични содржини