Уставен реши: Повлекувањето на аболицијата е валидно, се отвора патот за предметите на СЈО

од Vladimir Zorba

Уставниот суд денеска одлучи дека повлечената аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов е уставна и законска, откако не смее на граѓаните да им се скрати правото својата невиност да ја докажат во судска постапка. На денешната седница судиите со пет гласа „ЗА“ и со три гласа „ПРОТИВ“ практично изгласале дека членот 11а од Законот за помилување, кој пратениците го вметнаа во законот во 2017 година, откако Ѓорге Иванов прогласи колективна аболиција за 56 лица, е законски.

Имено, членот 11а мораше да се вметне во Законот за помилување затоа што Иванов немаше друга основа за повлекување на сите помилувања. Откако пратениците му дадоа таква законска можност тој по нецели два месеца откако ја даде, ја повлече аболицијата. Претходно, Иванов за да одлучи да ги помилува сите осомничени, обвинети, па по грешка дури и сведоци во постапките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се повика на членот 11 од Законот за помилување кој практично не постоеше во правниот поредок. Затоа тогаш, во април 2017 година, правните експерти коментираа дека аболицијата воопшто не е можно да се даде, затоа што членот на кој се повика Иванов не постои.

Многумна професори, како Светомир Шкариќ, Гордан Калајџиев, но и Гордана Силјановска Давкова, која е дел од партијата на Иванов, се противеа на така изречената аболиција без законска поткрепа. Каде погреши Иванов? Во 2016 година Уставен суд за да му отвори пат на Иванов да ги помилува сите ги укина сите измени во Законот за помилување донесени во парламентот во 2009 година. Со тие измени во 2009-та практично се брише членот 11 од Законот за помилување од 1993 година, а токму тој член му давал право на претседателот, без процедура низ другите институции, самиот да определи кого и во која фаза од постапката ќе го помилува.

Но, тоа што во 2016-та уставните судии ги укинуваат измените од 2009 година, не значи дека на сила го вратиле членот 11, оној кој му го дава тоа дискреционо право на претседателот во законот од 1993 година. Затоа што парламентот во 2009 година целосно го избришал тој член од Законот за помилување, одлуката на Уставен суд да ги укине измените, онаа одлука од 2016-та, не значи дека го „оживеала“ членот 11. Но, Иванов сметајќи дека членот 11 е „вратен во игра“, иако тоа не е можно, одлучи да даде аболиција на 56 лица, колективно, без индивидуализација на решенијата, без конкретни кривични дела, па дури за некои од неговата партија, како Груевски, Јанкуловска, Јанакиевски… ги аболицираше по десетина пати.

Но, иако незаконска, аболицијата сепак почна да се спроведува низ обвинителствата и судовите, се до моментот кога во јуни 2017 година Иванов, под притисок на јавноста, одлучи да ја повлече врз основа на член 11а, вметнат непосредно пред тој да се одлучи да ја отповика аболицијата. Токму тој член 11а беше тема на денешната седница на Уставен суд, за да се провери дали Иванов имал право да ја повлече еднаш дадената аболиција. Судиите одлучија дека законски ја повлекол. Со тоа се отвора патот за предметите на СЈО да се процесуираат пред домашните судови.

Аболицијата на Иванов ја користат и обвинетите од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во нивните тужби пред Судот за човекови права во Стразбур со кои тврдат дека им се ускратени човековите права со тоа што им била повлечена аболицијата. Но сега, по денешната одлука на Уставен суд нивното такво тврдење, се чини, паѓа во вода.

Слични содржини