Уставни измени: „Доколку Мицкоски го блокира европскиот пат може да заврши како Шешељ“

од Nikola Popovski

Ако сакате да менувате во Уставот, тогаш повелете излезете на избори, прашајте ги граѓаните, па тие нека одлучат. Така е во скандинавските земји, во Шведска е така, ако сакате да менувате устав, тогаш извинете излезете, па менувајте, со вакво барање излезе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој го посочи и името на поранешниот премиер Зоран Заев со евентуалното внесување на Бугарите во Уставот. -Заев не излезе со програма да менува Устав па да рече еве јас ќе го менува Уставот, ќе ги внесувам бугарите, па гласајте дали сте за мене или не сте за мене, посочи тој во гостување на една дебатна емисија.

Од таму се поставува прашањето дали предвремени парламентарни избори ќе бидат услов за отворање на Уставот? Според политичкиот аналитичар и професор Мерсел Биљали ВМРО-ДПМНЕ направи кардинална грешка по усвојувањето на францускиот предлог, „кога како на афект зазема цврст став дека нема да поддржи уставни измени за да се внесат Бугарите во Уставот, зацврстувајќи го таквиот став со потписи пред нотар“.

Мерсел Биљали

-Така, партијата свесно си пука и на своја нога и на своја глава. Лидер без храброст е како војник без куршуми. Сега таа партија секој ден уште повеќе станува изолирана партија, а рејтингот и е во континуиран пад. Дури таквото изолираност многу повеќе ќе и удри по глава ако се оддржуват избори. Оти, луѓето знаат дека никој не се родил за да живее во минатото, туку за иднината. Лошо е кога вековни гробови ви диктираат модерна политика. Жалам што во таа партија се преземат такви афектни и брзопотезни одлуки од кои потоа тешко е да се ослободите. Знаете, малите умови прават мали дела, а големите умови чинат големи дела, вели Биљали во разговор за „Локално“.

Професорот е дециден дека Македонија сега има можност брзопотезно да се приклучи кон ЕУ и ако се пропушти ваквата шанса кој знае како можеме да завршиме.

-Да се потсетиме на времето кога Груевски немал потребен капацитет во Букурешт да го направи тоа што секој водач што има елементарен државниќки капацитет би го направил. А тоа беше многу помалку од тоа што по неколку години бевме принудени да го направиме. Не би сакал Мицковски да ја направи истата грешка. Тој има можност да докаже барем еднаш дека ВМРО-ДПМНЕ има државнички капацитет. Политичарите не се свесни колку храброста се цени кај гласачите, дури и тогаш кога јавноста има негативен став кон некое политичко постапување, истакнува Биљали.

Тој додава дека „луѓето како да потсвесно знаат дека како што солза не познава политика, така и политиката не познава солзи!“.

-Политиката не е симфонија, туку силни и болни одлуки. Имено, ако се сака промените на Уставот да бидат главната приказна во наредните избори, исходот ќе биде поразителен за ВМРО. На тоа сум сигурен, знаејќи како ќе се редат фигурите пред изборите и по нив. Интересно е дека без оглед на тоа што мислат или што кажуват луѓето, тие инстиктивно поддржуваат храбри политичари и тогаш кога не се согласуваат со нив. Тие во нивната потсвест посакуваат и нешта со кои навидум не се согласуваат, ама ако некој од друг надвор од нив тоа го прави, тие сепак во последен момент би го наградиле. Па ние видовме како СДСМ и по Преспанскиот договор и невиденото кампањско етикетирање, пак ги доби изборите. Таа ги загуби подоцнежните избори поради други причини, првенствено од економска природа. Најголемиот политички фактор во светот е стомакот. Тоа е машината што превртува сè, анализира професорот.

Сепак Биљали не очекува брзи избори.

-Сега секој ден митинзи. ВМРО-ДПМНЕ настојува да го сочува приматот, а СДСМ настојува да го поврати. Времето не работи многу за опозициската партија. Сега луѓето гледаат дека не е загрозен ничиј идентитет и јазик, а ЕУ се повеќе се приближува кон нас. Секој со право сега може да констатира – па ние ништо не загубивме со Преспанскиот договор, напротив многу што добивме. Таа тензија што со деценија беше присутна меѓу двете држави сега е исчезната. Сега се е толку нормално. Па, тоа сега почна да се чувствува и во односите со Бугарија, смета соговорникот.

И политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски се согласува дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов без кој не се може, за да се продолжат евроинтеграциите на Македонија, согласно одредбите од т. н француски предлог, кој го усвоивме и ние у Бугарите, но беше поддржан и предложен од највисоките европски функционери, но и од високата американска надворешна дипломатија.

-Друго прашање е дали тоа нам ни се допаѓа или не, но реалноста е таа. Не може вие декларативно да се изразувате дека сте за членство во ЕУ, а на практика да работите, да направите сѐ, за да го загрозите тоа членство, како што прави на пример Мицкоски од позиција на опозиција. Повикувањето на почитување на меѓународното право е легитимно, но тоа не носи резултати во суровоста на меѓународната политика. Доколку се инаети и навистина го блокира европскиот пат на Македонија, да го попречи отворањето на Уставот за вметнување на бугарското малцинство во него, мислам дека ќе заврши како Воислав Шешељ. Односно партијата и да му победува на идни парламентарни избори, ќе нема никаков коалициски потенцијал со кого да прави Влада. Најмалку со етничко албанските политички партии, вели Атанасоски во разговор за „Локално“.

Аналитичарот смета дека предвремени избори, во овој момент, може уште повеќе да ја усложнат замрсената политичка ситуација кај нас, бидејќи, не може толку лесно да го предвидиме постизборниот распоред на силите во македонскиот парламент.

-Како и да е, пак ќе треба соработка меѓу власта и опозицијата за отворање на Уставот и постигнување на 2/3 мнозинство. Не знам дали тоа е политички маневар на Мицкоски, за преку предвремени избори да смета дека ќе победи и потоа ќе даде поддршка за изгласувањето на уставните измени, но тоа е есап кој „излегува дома, но не и на пазар“ (политичкиот). Бидејќи на тој начин, брутално, дрско и безочно ќе ги измами и изманипулира своите членови и симпатизери и тоа може да му се врати како бумеранг од незадоволство на скопските и македонските улици, коментира Атанасоски.

Соговорникот жали што нашите политички партии постојано функционираат како да се во предизборна кампања.

-Едноставно, така го држат членството во кондиција, и го мобилизираат за евентуални предвремени парламентарни избори, бидејќи кај нас, секогаш може да се случат. Во овој момент, мислам дека не може да се случат, бидејќи имаме преземено обврски со скрининг процесот од ЕУ, и се подготвуваме за отворање на ЕУ поглавјата, кон крајот на наредната 2023-та или почетокот на 2024-та година. Секое организирање на евентуалните предвремени избори ќе значи сериозно нарушување на европскиот зацртан пат, и сметам дека и самата меѓународна заедница, нема да даде зелено светло и амин за одржување на нови предвремени избори кај нас, заклучува Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини