Уставниот суд конечно назначил наследник на досегашната претседателка Добрила Кацарска. Според последните информации, судијата Дарко Костадиновски денеска го добил потребното мнозинство, односно потребните шест гласови од колегите.
Вчера не помина третиот кандидат Осман Кадриу, кој беше единствен кандидат откако двете ривалки кои се бореа за првото столче во Уставен суд, судијките Ана Павловска-Данева и Татјана Васиќ-Бозаџиева не беа повеќе актуелни. Имено, Павловска-Данева ја повлече кандидатурата, а Васиќ Бозаџиева не ја доби поддршката.
Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд. За избор на претседател на Уставниот суд е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број судии или најмалку шест гласа за еден од кандидатите. Изборот се врши согласно член 7 од Деловникот за работа на судот. Гласањето е тајно.
Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“ и е автор на книгите „Меѓународна арбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“. Костадиновски за уставен судија доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Член е на Кабинетот на претседателот од 2001 година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамките на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015 година, Костадиновски е назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Член е на Уставниот суд од јануари 2018 година.