Уставниот суд ќе го разгледува и Законот за амнестија за „Крвавиот четврток“

од Aleksandar Todeski

На дневен ред пред судиите во Уставниот суд во среда ќе се најде иницијативата за оцена на уставноста на Законот за амнестија кој се донесе во 2018 година, а се однесуваше за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.

Во иницијативата од засега непознат подносител се бара да се разгледа уставноста на членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија, со кој од кривичен прогон се ослободија најголемиот дел од обвинетите за „Крвавиот четврток“, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски и уште неколку обвинети.

Уставниот суд деновиве наиде на критика од јавноста поради одлуката да се разгледа уставноста на членот од Законот со кој поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги тргна донесените помилувања на сите осомничени и обвинети во случаите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, а сега се во рацете Основното јавно обвинителство, со што тие би се ослободиле од вина.

Експертите пак, истакнаа дека одлуката која Иванов тогаш ја донесе не била законска, бидејќи тој член од Законот на кој екс претседателот се повикал веќе не постоел, со што не треба да важат помилувањата кои сега Уставниот суд преку укинување на членот би ги активирал повторно.

Слични содржини