Уставниот судија Костадиновски објави публикација за советувањето на Трајковски, Црвенковски и Иванов

од Aleksandar Todeski

Уставниот судија Дарко Костадиновски вечерва во Скопје ја промовираше публикацијата „Сведоштва од претседателскиот кабинет: Моќта на трпението“, која ги содржи неговите лични забелешки и воедно дава преглед на предизвиците со кои се соочуваше државата и општество во временски период од 18 годин кои тој ги помина како советник во кабинетите на тројца македонски претседатели, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

Во присуство на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, на поранешната прва дама Вилма Трајковска, пратеници, судии, членови на дипломаткиот кор, пријатели и членовите на семејството, на промоцијата се обрати францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој рече дека станува збор за значаен труд, исполнет со историја, но и со верност и должност за дискреција како квалитет и доблест кои се чини дека денес се донекаде изгубени, а се основата на квалитетна дипломатија.

Авторот Костадиновски на промоцијата истакна дека негова цел со оваа монографија е да остави објективен, но и личен материјал, сведоштво за тројца македонски претседатели, пред се за себе, за семејството и неговите деца, но и за денешните и идните генерации.

„Сакав да оставам личен печат како сведок и актер во многу случувања. Многу работи во оваа монографија ќе добијат на вистинска вредност од одредена временска дистанца. Многу работи во оваа дело се значајни и денес. Зошто? Едноставно, предолг временски период гледав како ние едноставно не учиме, ниту од споствените, ниту од туѓите грешки. Место од секоја грешка, од секој предизвик ние да учиме и да излегуваме посилни, излегувавме послаби и поразединети. На сегашните генерации, особено важи за оние, кои се или сакаат да се занимаваат со политика, кои претендираат да бидат лидери, да преземат одговорност, сакам да им порачам – земете ја оваа монографија, прочитајте, не за да се продаде книгата, туку да ви служи како еден вид прирачник од кој може да извлечат поуки. Да научат никогаш да не губат, или да добиваат или да учат. Да научат нешто многу важно, моќтта на трпението“, вели Костадиновски.

Мемоарско-монографскиот ракопис на Костадиновски е во издание на книгоиздателството „Култура“. Публикацијатата, збогатена со фотозаписи, е објавена на македонски и на англиски јазик.

Слични содржини