Усвоен ребалансот на Буџетот на Град Скопје за 2020 година

од Aleksandar Petrovski

Со 23 гласа „за”, 10 „против” и еден воздржан денеска во рамки на 57. седница, советниците го донесоа ребалансот на Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Од Град Скопје информираат дека со ребалансот вкупниот буџет за 2020 година се зголемува за 81 милион денари, што претставува зголемување од 1 отсто во однос на првичниот буџет.

– Зголемување се предлага и во буџетот на кредити, (245 милиони денари) за изградба и реконструкција на повеќе улици и булевари низ градот Скопје. Зголемувањето се врши и во буџетот на дотации (4 милиони денари), заради буџетирање дел од непотрошениот вишок приходи од минатата година во културата. Основниот буџет е намален за 167 милиони денари, при што се предлагаат повеќе измени по програми и проекти во согласност со проценетата динамика на реализација на започнатите проекти и роковите на извршување на склучените договори, потенцираат од Град Скопје.

Советниците на опозициските партии беа со став дека во ребалансот требало да има зголемување на средства во некои одредени области. Тие истакнаа дека Градот Скопје требало да стави акцент на зголемување а не намалување на средства во областите за спортски активности и рекреација на отворено, како што се за партерно уредување, за изградба на патеки, јавни површини и спортски игралишта, каде граѓаните би можеле полесно да ги поминуваат деновите во овој карантински-пандемиски период.

Советниците го усвоија Акцискиот план за зелен град, кој се изработува во соработка со ЕБОР од март 2019 година, како дел од учеството на градот во програмата на ЕБОР за зелени градови. Скопје е првиот град во Северна Македонија кој се приклучи во зелените градови на ЕБОР и го започна развојот на Акцискиот план за зелен град (GCAP).

– Акциониот план ќе му помогне на Скопје да ги утврди, да им даде приоритет и да одговори на неговите најитни предизвици во поглед на животната средина. Истиот има за цел да се справи со најакутните предизвици од климатските промени и животната средина како што се: управувањето со цврст отпад, водата и отпадните води, градските патишта и осветлувањето, градскиот превоз, намалување на локалното загадување, подобрување на енергетската ефикасност и искористеноста на ресурсите, како и промовирање на приспособувањето на климатските промени, посочуваат од Град Скопје.

Предлогот за изменување и дополнување на Планот на програми за развој за периодот 2020-2022 година, со кој се предвидени измени во предвидените финансиски средства за подолготрајните проекти чија реализација се одвива низ повеќе фази во текот на две или на повеќе години. Исто така, беше донесена и Одлуката за ослободување од плаќање надоместок за уредување градежно земјиште за изградба на објект со намена B2 здравство и социјална заштита (Дневен центар за лица со интелектуална и телесна попреченост).

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје на денешната седница побараа да се расправа како вонредна точка за состојбата и правата на пожарникарите од противпожарната единица на градот, но оваа предлог-точка не беше прифатена од страна на советниците.

loading...

Слични содржини