Усвоени нацрт-амандманите за промена на името, измените за АСНОМ, како и вметнување на Рамковниот договор

од desk4

Работниот викенд на пратениците во Собранието резултираше со изгласување на два нацрт-амандмани за уставните измени во втората фаза. Откако претпладнево со 67 гласови „за“ Собранието го утврди првиот нацрт-амандман со кој се предвидува промена на името на земјава во “Република Северна Македонија”, доцна попладнево пратениците по неколку часовна расправа “ го изгласаа и вториот нацрт-амандман со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 „воздржани. Тој се однесува на промени во Преамбулата на Уставот каде одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од заседанието и се додава и Охридскиот рамковен договор.

Како што претходно најавија, исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.

Во расправата се вклучи и Зијадин Села, од Алијансата на Албанците кој рече дека во преамбулата сите граѓани на Македонија треба да бидат еднакви без разлика на етничката припадност. Му реплицираше министерот за надворешни работи Никола Димитров кој истакна дека е легитимно за овие прашања да се разговара, особено во јавната расправа што претстои.

За време на попладневната дебата пратениците од власта и опозицијата ги бранеа своите веќе познати ставови. Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски со амандманот за бришење на одлуките на АСНОМ се создава целосно нова држава. Томислав Тунтев од СДСМ пак му возврати дека државата не губи ништо со новото име Ништо не се брише со тоа што се става прогласот за АСНОМ.

Додека во Собранието траеше дебатата, мал број приврзаници на „Македонија блокира“ со шатори протестираа пред законодавниот дом против, како што велат, уставните измени и промена на името на државата. Сообраќајот беше редуциран, во функција беше само една лента, но со засилено полициско обезбедување.

Собранието ја продолжува расправата за нацрт-амандманите

Дебатата во парламентот по нацрт-амандманите почна вчера и се очекува да заврши за неколку дена.

Слични содржини