Утре се одлучува кому ќе му биде дозволен влез во ЕУ од 1 јули

од Stefanija Kuzmanovska

Главниот критериум за влез на државјани на трети земји во Европската унија ќе биде бројот на новозаразени на 100.000 жители во тие земји, што мора да биде „близу или под просекот на ЕУ“ во претходните 14 дена, се согласија амбасадорите на земјте-членки на ЕУ.

Хрватското претседателство на Советот на ЕУ денеска започна писмена постапка за усвојување препораки за отворање на границите за државјани на трети земји од 1 јули, врз основа на објективни проценки на епидемиолошката состојба, која ќе се проценува на секои две недели.

Земјите-членки сега имаат рок до вторник попладне да одговорат на тоа дали се согласуваат со договорениот текст на препораките што ги разговарале амбасадорите на земјите-членки во текот на изминатите неколку дена.

Амбасадорите ги утврдија критериумите врз основа на кои се составува список на трети земји од кои може да се влезе во ЕУ.

Главен критериум е бројот на новозаразени во последните 14 дена на сто илјади жители

Главниот критериум е бројот на новозаразени на сто илјади жители во последните 14 дена да биде „близу или под просекот на ЕУ“ на 15 јуни.

Исто така, се бара стабилен или опаѓачки тренд на новозаразени. Bо предвид се земаат и веродостојноста и достапноста на податоците во третите земји, како и мерките што овие земји ги воведоа за граѓаните на земјите од Европската унија.

Овој критериум моментно го исполнуваат 14 земји – Алжир, Австралија, Црна Гора, Канада, Грузија, Јапонија, Јужна Кореја, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Тајланд, Тунис и Уругвај. Кина исто така ги исполнува критериумите, но од таа држава ќе може да се влезе во ЕУ доколку Пекинг ја укине забраната за влез на граѓаните на ЕУ.

Списокот не е правно обврзувачки затоа што одговорноста за граничното управување припаѓа исклучиво на земјите-членки, но важно е заради потребата земјите-членки да постапуваат на координиран начин. Списокот и критериумите за влез се однесуваат на патувања што не се неопходни.

Граѓаните на земјите-членки на ЕУ, како и државјаните на трети земји кои се легално жители на ЕУ и членовите на нивните семејства сè уште можат да влезат во ЕУ од третите земји.

Ограничувањата не се однесуваат на одредени категории на лица, како што се здравствени работници, работници во погранични области, лица кои работат на транспорт на стоки.

Слични содржини