Утревечер почнува 6.ПРО-ЗА Балкан во Даут-пашиниот амам

од Vladimir Zorba

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен утревечер во 19.30 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Петмина актуелни писатели од исто толку земји од Балканот ќе и бидат претставени на публиката. Добитникот на наградата за авторски придонес во балканската литература „Прозарт“, српската легенда Светислав Басара нема да биде присутен поради здравствени причини.

За делата на Басара, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија ќе говорат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Гости на отворањето ќе бидат и тројцата членови на „Скопје фелоушип“ програмата – Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јанике Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција.

На вториот фестивалски ден, во понеделник во 11 часот во ЕУ Инфо-центарот ќе се одржи тркалезна маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Веќе традиционално, фестивалот организира средба на гостите автори со своите читатели во книжарницата „Икона“ во Скопје сити мол, закажана за 28 мај во 18.30 часот. Тројцата врвни издавачи од „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат и со македонски писатели и издавачи и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Фестивалот ќе биде затворен на 29 мај во Даут-пашиниот амам во 19.30 часот, кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.

„ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“.

 

Слични содржини