Собраниската Комисија за избори и именување ја утврди предлог-одлуката за именување на нови членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија.
Марјан Велевски, Билјана Бабиќ, Владимир Палашевски, Давор Пашовски, Ивана Ефремовски, Томислав Кежаровски, Миле Гроздановски, Бурим Рамадани, Мубајдин Ќамили, Беќим Лачи, Патриот Лумани и Маја Седраг се кандидатите кои ќе одат на гласање на пленарна седница.
На продолжението на 22-та седница на Комисијата, беа утврдени предлози за нови членови на Советот на јавни обвинители, Комисијата за заштита на конкуренција, Комисијата на Агенцијата за пошти и претседател и член на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“.
Пратеникот од ВЛЕН, Ријад Шаќири предложи пет кандидати за членови на Програмскиот совет од албанската заедница, но од предложените не помина Ведат Мемедалиу, кој не ги исполнувал условите, а потоа пратеникот Миле Лефков од ВМРО ДПМНЕ ја предложи Маја Седрак. По предлогот на Шаќири претседателот на Комисијата, Ѓоргија Сајковски даде пауза од 30 минути за услогласување на ставовите.
Шест години јавниот сервис – Македонската радио-телевизија функционира со в.д. Програмски совет, тело кое според законот треба да гарантира независност, професионалност и јавен интерес во креирањето на програмската политика. Иако изборот на членови е формално надлежност на Собранието, процесот постојано се одложува, а според упатените, зад ваквата состојба стои политичка калкулација и отсуство на волја за воспоставување вистински автономен јавен сервис.