Узунов: Треба да бидеме среќни доколку до крајот на годината економскиот раст се одржи околу 2%, при инфлација под 10%

од Vladimir Zorba

Многупати повторениот став за крајно изразената  некомпатибилност меѓу политичката нестабилност и економскиот развој е меѓу основните поенти на универзитетскиот професор Ванчо Узунов кој за „Локално“ ги коментира последиците од актуелните политички превирања и можноста за предвремени избори.

Потсетува дека  во ситуациите  во кои не се знае како работите понатаму ќе се движат има воздржаност од инвестирање, странските инвеститори стануваат исклучително претпазливи во однос на нови вложувања, се одлагаат проекти и се чекаат подобри времиња.

Оттука, Узунов повикува на рационалност бидејќи и онака следната година е изборна.

„Изборната година исто така не е добра за економијата бидејќи во период од барем 3-6 месеци Владата функционира под рестриктивни услови во однос на тоа како троши. Една мала економија каква што е македонската, со ваква структура кога владата не троши ниту пак инвестира се соочува со големи проблеми и растот се намалува. Затоа би било добро барем оваа година да биде политичка стабилна бидејќи и онака следната веќе знаеме дека ќе биде изборна“, вели Узунов.

Коментирајќи ги последиците од  рецесијата во Еврозоната врз нашата економија сигурен е во извесноста на негативното влијание, иако како што вели се уште не се познати сите параметри за да се оцени обемот на последиците.  Внимателен и и во однос на прогнозите за растот на македонската економија посочувајќи дека  треба да бидеме среќни доколку  се движи околу 2%, при инфлација под 10%.

„Ако политичката ситуација остане релативно стабилна и полека стигнеме до крајот на годината без да прејдеме инфлација од 10% можеме да бидеме задоволни и да очекуваме дека следната година инфлацијата уште повеќе ќе паѓа“, вели Узунов.

Веста дека еврозоната влезе во рецесија предизвика силна реакција кај бизнис заедницата. Што ќе значи тоа за македонската економија и има ли според Вас место за загриженост?

-Влегувањето на еврозоната во рецесија не беше изненадување, бидејќи политиката што ја превземаа за смирување на инфлацијата водеше кон ова. Се одоговлече процесот за смирување на инфлацијата, ситуацијата не е докрај смирена и тие рестриктивни мерки на монетарната политика резултираа со ваков ефект бидејќи со нив се успорува развојот. Што тоа значи за нас? Ние сме надворешно трговски, инвестициски и на многу други начини многу поврзани со земјите членки на ЕУ и оваа состојба не може во ниту еден случај да не радува. Сигурно дека нема да се одрази поволно врз македонската економија иако не може веднаш да се оцени колку негативно ќе биде тоа. Ќе има некаков негативен импакт врз нас, но дали ќе биде мал или нешто поголем, тоа не може веднаш да се квантифицира бидејќи зависи од многу параметри коишто сеуште не ги имаме предвид.

Во првиот квартал македонската економија бележи раст од 2,1%. Дали има простор за оптимизам дека растот ќе се зголеми до крајот на годината и кој би бил начинот?

-Сите влади во нашата држава во последните 20 години во услови кога го прават  буџетот и проектираат раст изразуваат оптимизам, односно малку послободно даваат повисоки проценки, а потоа следува она што во реалноста може да се оствари. Оваа бројка за мене е очекувана и јас би бил среќен  да се одржи до крајот на годината. Треба да бидеме среќни ако се движи околу 2%, при инфлација под 10%. Такви се околностите и затоа оваа оценка е реална.

Сепак, наспроти очекувањата за едноцифрена инфлација, мајските бројки покажаа дека трошоците за живот  споредено со мај лани изнесуваат 11.6%. Колку е далеку можноста за дополнително намалување на инфлацијата и нејзино стабилизирање?

-Летотото секогаш е малку полесен период за сиромашни земји. Зимата е тешка, бидејќи во лето некои работи малку помалку се трошат. Ако политичката ситуација остане релативно стабилна и полека стигнеме до крајот на годината без да прејдеме инфлација од 10% можеме да бидеме задоволни и да очекуваме дека следната година инфлацијата уште повеќе ќе паѓа. Секоја влада доколу сака може да ја смири инфлацијата преку ноќ, но ќе го жртвува растот, што впрочем и се случи на ЕУ и тогаш се влегува во стагфлација.Тоа не е најпосакувана ситуација и затоа на овој начин умерената инфлација би траела малку подолго, но од друга страна стапките на раст би биле во согласност со актуелната бројка, значи околу два. Ова е сепак пооптимална опција од  спротивната – минимална инфлација но и негативни стапки на раст. Оваа ситуација препоставува некакво “меко’’ излегување од криза за која Македонија не беше виновна бидејќи беше наметната и  увезена.

Дали владата ги превзеде вистинските мерки за да ја намали инфлацијата, и кои опции според Вас беа возможни во актуелните услови?

-Возможни се многу работи, работата е дали е избрано најдоброто од сите возможни работи. Мислам дека не сме далеку од најдоброто. Секогаш може подобро, но постоеа алтернативи коишто беа уште полоши. Ако премногу го затегнете смирувањето на инфлацијата со многу рестриктивна политика или како што некои предлагаа со целосно  замрзнување на цени, тогаш се забавува растот, а проблем би биле и недостатоците на пазарот бидејќи трговците ќе одлучат да не продаваат поради загубата со којашто ќе се соочат. Доколку не се борите против инфлацијата растот ќе биде поголем, но ќе осиромашат граѓаните, па тоа исто така не е добра опција. Значи треба некако да се балансира, да се смирува инфлацијата во период којшто нема да биде премногу долг, но растот да не се жртвува премногу.

Ја посочувате политичката стабилност како услов за развој на економијата. Колку е македонската економија отпорна на влијанијата од политичките превирања, особено сега, во ситуација кога меѓу  сите опции се споменуваат и предвремени избори.

-Политичка нестабилност не влијае позитивно врз ништо, освен можеби врз некои маргинални политички играчи кои во матно добро ловат. За сите граѓани и за бизнисмените, оваа ситуација е крајно негативна. Не се знае како ќе биде, има воздржаност од инвестирање, странските инвеститори стануваат исклучително претпазливи во однос на нови вложувања, се одлагаат проекти и се чекаат подобри времиња. И да немаме предвремени избори ние следната година имаме редовни избори. Изборната година исто така не е добра за економијата бидејќи во период од барем 3-6 месеци Владата функционира под рестриктивни услови во однос на тоа како троши. Една мала економија каква што е македонската, со ваква структура кога Владата не троши ниту пак инвестира се соочува со големи проблеми и растот се намалува. Затоа би било добро барем оваа година да биде политичка стабилна бидејќи и онака следната веќе знаеме дека ќе биде изборна.

К.В.С.

Слични содржини