Вакцина против коронавирусот: Германските фирми во фокусот

од Stefanija Kuzmanovska

Ширум светот забрзано се работи на вакцината против коронавирусот. Во САД започнаа првите тестови. И германските биотехнолошки компании веќе бележат одреден успех во потрагата по вакцината, пренесува „Дојче веле“.

Биотехнолошката фирма „БиоНТек“ во Мајнц досега главно истражуваше лекови против карцином. А потоа се појави короната. Така, истражувачката фирма штотуку доби 120 милиони евра од кинескиот производител на лекови Фосун Фарма. Покрај тоа, партнерството се прошири со американскиот фармацевтски гигант „Пфицер“ со цел заеднички да го забрзаат развојот на вакцината против коронавирусот.

„БиоНТек“ во изминатите месеци собра повеќе од 1,4 милијарди долари.

Научниците ширум светот бараат вакцина

„Во моментов, многу компании и научни организации ширум светот, особено во САД и Кина, сакаат да развијат вакцина против коронавирусот. Тоа е добро затоа што колку повеќе компании се ангажираат, толку се поголеми шансите вакцината да биде брзо произведена“, вели Зигфрид Тром од Сојузот на истражувачки фармацевтски компании во Германија.

Според податоците на Сојузот, има најмалку 39 проекти чија цел е производство на вакцината. Повеќе такви проекти се финансиски поддржани од меѓународната иницијатива за вакцини ЦЕПИ – вклучително и проекти од германската компанија „Цуревац“, американските компании „Иновио“, „Модерна“ и „Новавакс“, како и проектите од универзитетот Квинсленд во Австралија и Универзитетот Оксфорд во Велика Британија. Истражувањата се прават и со меѓународна соработка.

На добар пат до првите вакцини

Развојот на вакцина против коронавирусот нема да трае многу години.

„Тука е направено многу. Затоа, ако се помине добро на тестовите, експертите проценуваат дека првата вакцина можеби ќе ја имаме за 12 до 18 месеци“, вели Тром.

Слични содржини