Вакцините АстраЗенека и Фајзер треба да пристигнат меѓу 15-ти и 20-ти април, вели Филипче

од Nikola Popovski

Министерот Венко Филипче денес соопшти дека во месец април треба да ни стигнат, согласно најавите, 200 илјади кинески вакцини, а од Фајзер околу 11.000 и 25.000 преку земјите членки на ЕУ.

„Во моментов има вакцини АстраЗенека за уште три недели. Распоредите се прават за следните недела или две. Некаде околу 15-ти април треба да стигне некоја количина од околу 76 илјади вакцини од Ковакс системот (АстраЗенека), а околу 19-ти треба да стигнат вакцините од Фајзер, кои се нарачани преки директните преговори. Исто така околу 20-ти имаме најави и за вакцините на Фајзер, но преку ЕУ. Исто така, треба да стигне и одреден дел од Спутник. Морам да потенцира дека можно е да дојде до одложување на неколку денови, затоа што компаниите не можат да испорачаат на време, огромна е побарувачката“, истакна министерот.

Тој зборуваше и за сериозноста на ситуацијата и апелираше да се почитуваат мерките. За тоа дали ќе се продолжат постојните кои завршуваат на 20 април, тој рече дека одлуката ќе се носи според тоа каков ќе биде трендот во наредниот период, а ја нагласи и важноста секој да се однесува одговорно.

„Многу е битно сега и верските лидери да сфатат дека ситуацијата е навистина сериозна, дека епидемиолошката слика може дополнително да ја искомплицира состојбата во болниците, нешто што сакаме да го избегнеме. Би сакал да ги повикам следната недела двајцата лидери, и на МПЦ и на ИВЗ и да ги замолам да упатат апел кон верниците – да останат дома оваа година, да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби“, рече Филипче.

Слични содржини