Вакцините во САД наскоро ќе бидат достапни и во аптеките

од Nikola Popovski

Белата куќа ќе започне со директна достава на вакцини до аптеките од следната недела, со цел да се зголеми можноста за вакцинирање на што повеќе луѓе.

Испораките со вакцини ќе продолжат низ државите, со зголемување на неделните дози на национално ниво до 11,5 милиони.

Координаторот на борбата против Ковид-19 на американскиот претседател Џозеф Бајден, Џефри Зајенц, рече дека испораката ќе започне на 11 февруари и дека ќе бидат во продажба милион дози во 6.500 аптеки, објави Радио Слободна Европа.

Како што расте снабдувањето со вакцини, тие можат да бидат доставени и до 40.000 аптеки, рече Зајенц.

„Ова ќе обезбеди повеќе места каде луѓето ќе можат да се вакцинираат“, рече Зајенц, додавајќи дека одредени аптеки се избрани за да се подобри пристапот до вакцините во тешко достапните области и социјално ранливите заедници.

Бајден во јануари рече дека процесот на доставување вакцини е „неуспешен“ и вети дека ќе ја забрза вакцинацијата на Американците, со акцент на обезбедување еднаков пристап за сите.

Администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп во ноември минатата година објави дека се здружила со 19 други фармацевтски ланци за да започнат со дистрибуција на вакцините против коронавирус веднаш штом ќе станат достапни.

Засега, вакцините на Модерна и Фајзер-Бионтек се одобрени во САД.

САД се меѓу најпогодените земји со над 26 милиони заразени и скоро половина милион мртви.

Слични содржини