Вандалите кои го искршија македонскиот клуб во Благоевград се вработени во општинско претпријатие

од Nikola Popovski

Двајца вработени во општинското претпријатие „Озеленување“ на општина Благоевград и нивните сопруги се приведени вчера поради демолирањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, информираа бугарските медиуми.

Како што појаснуваат, вандалскиот чин бил сторен во 21.40 часот во саботата на 4-ти февруари, а четирите лице вчера биле приведени.

Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов коментира дека судот е надлежен орган кој може да се произнесе за кривичното дело, а тој како работодавач на двајцата вработени може да се произнесе само за Кодексот на работа.

-Доколку се докаже вината на општинските службеници, ќе го применам принципот на реципроцитет на казните, тоа значи дека ќе ги казнам и оние кои работат во општина Благоевград, со точно иста казна како што ќе бидат казнети со цариниците, граничната полиција и други функционери во Република Северна Македонија, што предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари. Во моментот кога ќе бидат отпуштени вработените во Северна Македонија кои ги малтретираа бугарските граѓани, веднаш ќе ги отпуштам вработените во претпријатието, изјавил Стојанов.

Приведените сторители се на возраст од околу 40 години. Македонските власти го осудија ваквиот немил настан и побараа детална истрага за инцидентот.

Клубот „Никола Вапцаров“ беше отворен во тензична атмосфера лани на 30 октомври во присуство на гости од Македонија и Македонци што живеат во Бугарија.

Слични содржини