Вангелов: Софија преку декларацијата покажува дека Историската комисија ја гледа како алатка за политички притисок

од Nikola Popovski

На седница на бугарската собраниска Комисија за надворешна политика, беше усвоена декларација. Како што објавија бугарските медиуми, во неа се осудуваат актите на насилство врз Бугарите во Македонија, нивните организации и клубови, вклучително и нападот врз Христијан Пендиков. Декларацијата наскоро треба да се најде на пленарна седница на бугарското Национално собрание и содржи девет точки во кои се бара преземање систематски мерки од сите институции за откривање и санкционирање на сторителите. Меѓу наведените точки има и една спорна, односно шестата, во која се посочува дека измените во нашиот Закон за здруженија и фондации може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Во обид да дознаеме што повеќе мисли македонската страна од Историската комисија во однос на оваа точка, „Локално“ го контактираше политикологот Огнен Вангелов, кој е член на Комисијата. Тој во разговор за нашата редакција вели дека со самиот факт дека со политичка декларација (по којзнае којпат) политиката во Софија се вмешува во работата на Комисијата доволно зборува дека таа Комисијата ја гледа како алатка за спроведување политички цели и како алатка за политички притисок.

Според него, Комисијата ниту има ниту може да има каква било врска со измените на законот за здруженија бидејќи тоа не е прашање од домен на нејзината работа.

-А дали може нешто да ја попречи работата? Работата е постојано попречувана од политичките амбиции кога со вакви декларации се прави обид Комисијата да работи според агендата диктирана од ваквите декларации. Така што, Комисијата ќе може да работи попродуктивно само кога политиката во Бугарија ќе престане да се обидува да ја злоупотребува во секоја можна политичка пригода. Колку што ми е познато, оваа декларација не е официјално усвоена, но како и да е, самите подгревања на тензиите со вакви предлог-декларации доволно зборуваат за тоа какви се целите на политиката во Бугарија, посочува Вангелов.

Соговорникот ги коментираше и актуелните односи на релација Скопје-Софија.

-Односите се тензични бидејќи тие немале ни шанса да се нормализираат. Кога Софија гледа говор на омраза само кај нас и притоа ја раширува дефиницијата за тоа што е говор на омраза (кај нас) до крајни апсурди, а не гледа никаков говор на омраза кај себе, тогаш не можеме да зборуваме за елементарно пристојни соседски односи. Со овие декларации или пак континуирани изјави на политички актери од Софија кои имаат за цел да диктираат историски и национални наративи во соседна држава постојано се одржува висока тензија во меѓусебните односи и кога ги читате ваквите декларации прв впечаток е дека целта на Софија е од Македонија да направи непријател, а не пријател, порачува Вангелов.

Тој е дециден дека претепувањето на Пендиков нема зошто директно да влијае на Комисијата.

-Ова е Комисија за историски и образовни прашања, а не комисија за оценка и преоценка на секое прашање од билатералните односи меѓу двете држави. Но, индиректно, секое заострување во односите неминовно се одразува на работата на кое било билатерално тело што се занимава со прашања од меѓусебните односи, ни објасни политикологот.

Н.П.

Слични содржини