Вардар и со крпен тим ја порази Војводина

од Aleksandar Petrovski

Ракометарите на Вардар ја забележаа петтата победа во СЕХА-лигата, откако вечерва во С.Ц. Јане Сандански ја совладаа екипата на Војводина со 26:23.

Вардар го започна овој меч без неколку важни играчи, недостасуваа Дисингер, Горбок, Стоилов, Атман, Горпишин и подолго отсутниот Толедо.

За проблемите да бидат поголеми уште во првата минута од дуелот се повреди и Кристопанс кој мораше да ја напушти играта, откако го свитка десниот скочен зглоб.

Во првиот дел „црвено-црните“ обезбедија предност од четири гола (10-6), но во еден период останаа со двајца ракометари помалку, а Војводина тоа го искористи и на полувреме замина без негатива (11-11).

Неизвесен беше и најголем дел од второто полувреме, но Вардар сепак успеа да се одлепи во финишот, создаде пет гола позитива (26-21) и успеа да го приведе мечот до крај за триумф од 26-23.

Кугис беше добар на голот со 11 одбрани. Скубе постигна 7, Димитриоски 6, додека Чупиќ 5 голови.

Слични содржини