Вархеји го посети Скопје: Пристигнаа првите дози на Фајзер како помош од ЕУ

од Nikola Popovski

Првата достава на 4.860 вакцини Фајзер во рамките на програмата за помош на Европската унија до Западен Балкан пристигна вчера во С. Македонија.

По повод пристигнувањето на првиот контингент од вкупно околу 120.000 вакцини Фајзер, обезбедени преку ЕУ, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и австриската министерка за Европа, Каролина Едштадлер го посетија нашиот главен град.

На предавањето на вакцините на пунктот за масовна вакцинација во салата „Борис Трајковски“, Вархеји рече дека близу 120 000 вакцини ќе бидат доставени во С. Македонија до крајот на август и дека ова е помош од ЕУ за нашата земја да ја надмине пандемијата.

„Ова е добар ден за Западен Балкан и Северна Македонија. Конечно, можеме да ги испорачаме првите вакцини“, рече Вархеји на заедничката прес-конференција со Едштадлер и премиерот Зоран Заев.

Со трипартниот договор меѓу Скопје, Виена и Фајзер, во рамките на механизмот на ЕУ за дистрибуција на вакцини до земјите од Западен Балкан, се утврдени 119.600 дози вакцини за С.Македонија.

Вархеји истакна дека не е лесно да се обезбедат вакцини и изрази голема благодарност до Владата на Австрија, а министерката Едштадлер додаде дека е среќна затоа што Австрија и ЕУ успеале да обезбедат 650.000 дози вакцини за Западен Балкан, од кои 120 000 за Северна Македонија.

Австриската министерка за Европа претходно се сретна со министерот за здравство Венко Филипче, кој на Фејсбук објави дека првите 4860 вакцини од Фајзер пристигнале вчера преку тимот на Европа и дека до крајот на мај се очекуваат вкупно 19.890 дози.

Слични содржини