Вархеји го повтори ставот: Албанија може сама да го продолжи патот кон ЕУ, доколку С. Македонија не се договори со Бугарија

од Nikola Popovski

Откако пред два дена во Скопје, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји изјави дека доколку С. Македонија не постигне компромис со Бугарија за историските прашања, Албанија ќе продолжи сама на патот кон ЕУ, денес за „Еуроњуз“ повтори дека е опција да се раздвојат двете земји од преговорите за ЕУ.

„Доколку повторно ни се случат потешкотии со С. Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на С. Македонија и на Бугарија да изнајдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И треба да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји.

На средбата пред неколку дена во Скопје, одржана претходно со премиерот Зоран Заев во Владата, како што информираа од владината прес-служба, станало збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласил дека Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изразил очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакнал посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и, како што се посочува, ги издвоил резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата.

Слични содржини