Вархеји: Му благодариме на Борисов за историската одлука за Европа и за Северна Македонија

од Берта Китинска

Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји преку својот Твитер профил изрази благодарност до лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, кој денеска соопшти дека францускиот предлог е прифатлив за неговата партија.

-Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов, за историската одлука за Европа и за Северна Македонија да прифати преговори базирани на францускиот предлог дозволувајќи да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија. Очекуваме владата да ги достави неопходните предлози до парламентот денеска за да може Европа да оди напред, напиша Вархеји на „Твитер“.

Борисов повика веднаш да се свика Министерскиот совет, да се даде предлог и да се дојде во Народното собрание.

– Верувам во Макрон, верувам во ЕУ. Се што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ. ЕУ и НАТО во моментов бараат проширување со Западен Балкан. ГЕРБ го започна овој процес. Петков ќе оди во Советот на ЕУ и ќе каже дека некој му пречи. Петков ќе се крие и ќе се плаши додека ГЕРБ не ја заврши работата. Ние знаеме како да се грижиме за нашата работа. Француското претседателство ја направи најдобрата рамка и таа не може да биде подобра – изјави лидерот на ГЕРБ.

Борисов истакна дека актуелната влада не направила ништо за Протоколот кој е составен дел на францускиот предлог. Тој појасни дека овој Протокол се уште не е потпишан.

– Петков си дозволува да лаже во Брисел дека ГЕРБ му пречи, дека министерот на Слави Трифонов му пречи и дека тие што не се со него се мафија. Не плашете се, дојдете во парламентот. Ова е најдоброто решение за Бугарија, Балканот и ЕУ – му се обрати Борисов на бугарскиот премиер Кирил Петков.

Тој вели дека недоверба е парламентарна практика.

– Нинова седум пати побара недоверба и не сме ја нарекле мафија. Ако имаме премиер да свика собраниска седница, ќе влеземе ние 59 пратеници на ГЕРБ. Да се реши прашањето со РСМ пред гласање, да не се срами Бугарија како мрачен субјект – нагласи Борисов.

Слични содржини