Варуфакис до Парламентот ги достави сниманите разговори од состаноците на Јурогруп, претседателот му ги врати назад

од Aleksandar Petrovski

Ако сакате да слушнете што се случуваше на Јурогруп, овде се аудио снимките. Господине, Претседателе, оставам Вие да одлучите за начинот на кој ќе ги доставите до членовите на Парламентот, рече првиот човек на партијата МЕРА25, Јанис Варуфакис на денешната седница во Парламентот и до претседателот достави УСБ со разговорите за време на состаноците на Јурогруп кои тој лично и тајно ги снимал во првата половина на 2015 додека беше министер за финансии во владата на Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Парламентот, не го прими ковертот, му го врати назад, карактеризирајќи го како „неприфатлив“.

Варуфакис, истакна дека „лагите од 2015 се користат како оружје против работниците“ и во многу други мерки и донесени закони и затоа одлучил аудио снимките да ги достави до Парламентот, а за кои објасни дека постои одлука од Врховниот суд дека тие се легални.

-Бидејќи ние во МЕР25 веруваме во транспарентноста, дојде време да се стави крај на лагите. Ние ќе ви го одземе правото да лажете за тоа што се случуваше на Јурогруп во 2015, рече Варуфакис.

-Кога некој чувствува дека треба да преземе иницијатива, да објави негови тајни снимки, треба оваа иницијатива да ја спроведе самиот, на сопствен ризик. Ниту јас, ниту Парламентот, не сме пренесувач или амал на одговорностите на господинот Варуфакис во конкретниот случај. Затоа, веднаш повикувам еден од службениците и го враќам, како неприфатливо, писмото на господинот Варуфакис. Парламентот нема да се претвори во пренесувач на каква било одговорност што сака самиот да ја преземе со откривањето на ваквите тајни снимања, рече претседателот на грчкиот Парламент.

Поранешниот министер за финансии на Грција во владата на СИРИЗА, Јанис Варуфакис, на неколку пати во минатото јавно говореше дека додека учествувал на критичните за Грција, состаноци на Јурогруп во 2015, тајно ги снимал дискусиите.

Слични содржини