ВАШИНГТОН МУ ПОРАЧА НА ИЗРАЕЛ: „Безбедноста на новинарите е ваша најголема одговорност“

од Vladimir Zorba

Портпаролот на Белата куќа Џен Псаки вечерва изјави дека Соединетите држави му порачале на Израел да ја осигури безбедноста на новинарите, откако армијата на земјата уништи зграда во Газа во кој се наоѓаа повеќе странски бироа, вклучително и американската агенција АП.

„Им соопштивме на Израелците во директен контакт дека безбедноста на новинарите и независните медиуми е нивна најголема одговорност“, напиша Псаки на Твитер.

Во израелскиот воздушен напад денеска беше уништена зграда од 12 ката во Газа, во која се наоѓаа канцелариите на Асошиејтед прес и други медиуми, а сите вработени претходно беа безбедно евакуирани.

„Шокирани сме и згрозени што израелската армија ја целеше и уништи зградата во која се наоѓаат канцелариите на АП и другите новински организации во Газа“, се наведува во изјавата на претседателот и извршен директор на таа агенција, Гери Пруит.

Претседателот на АП рече дека светот ќе знае помалку за тоа што се случува во Газа заради она што се случи денес.

Покрај дописите на агенцијата АП, во зградите се наоѓаа и канцелариите на Ал Џезира и агенцијата Франс Прес.

Слични содржини