Вашингтон: Нема повеќе носење маски во затворени простории

од Nikola Popovski

Главниот град на САД, Вашингтон, едно од местата со најстроги рестриктивни мерки во САД, од следната недела ќе го укине задолжителното носење маска во затворени простории, најави тамошниот градоначалник.

„Од понеделник, 22 ноември, Вашингтон ја укинува обврската за носење маска внатре“, рече градоначалникот на Вашингтон, Муриел Боузер на денешната прес-конференција.

Приватните компании може да продолжат да бараат маската да се носи и таа останува задолжителна во јавниот превоз, во внатрешноста на училиштата, во библиотеките, домовите за стари лица, како и во некои јавни згради.

Главниот град на САД на крајот на јули воведе задолжително носење маска за вакцинирани и невакцинирани лица поради зголемениот број на инфекции поврзани со делта сојот.

Со таа мерка Вашингтон беше еден од градовите со најстроги мерки поврзани со коронавирусот во земјата.

Американскиот центар за превенција на болести (ЦДЦ) сепак наведува дека иако бројот на инфекции во Вашингтон е стабилизиран, постои загриженост бидејќи Вашингтон е место каде што циркулацијата на вирусот е сè уште значајна.

Слични содржини