Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски вчера информира дека возачот Васил Јованов, кој ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова, возел со 0,9 промили алкохол во крвта во моментот која ја удрил девојката на пешачкиот премин на булеварот „Партизански одреди“. Бубевски додаде дека „состојба на пијанство е над 1,5 промили“.
Иако во јавноста се шпекулираше и беше изнесена информација дека Васил возел со 130 километри на час во кобните моменти, Бубевски појасни дека се уште не е позната точната брзина.
-Во зависност од првиот излез на лице место и начинот на кој што застанало возилото, ударот….Првата проценка е дека се работи за поголема брзина. Таа е предмет на вештачење. Стигаш на пешачки премин кај што е за тебе е црвено и ти веќе се согласуваш со последицата која што може да се случи и нема место за друга правна квалификација. Обвинителството ги прибира сите докази за настанот. Се прибира видео-материјалот, контактирано е вешто лице кој си има сопствен софтвер кој што е лиценциран и ќе каже која е брзината на движење и како се случила сообраќајката. Прибрани се снимки од (системот) Сејф Сити, но и од камерите од околните објекти, кажа Бубевски во вчерашното издание на емисијата „Топ тема“.
На Јованов му се закануваат најмалку 4, а најмногу 20 години затвор согласно со одредбите од кривичниот законик.