Веб страницата на ФИТР цел на хакерски напад

од Vladimir Zorba

Веб страницата „fitr.mk“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) беше цел на хакерски напад во неделата вечер, на 28 јуни, и во претпладневните часови во понеделникот, на 29 јуни.

Нападот, како што соопшти ФИТР, е согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб страницата. Притоа, веднаш е пријавен до Одделот за компјутерски криминал при МВР. Во текот на денов се очекува и увид од страна на службени лица, како и натамошно постапување.

-Со хакерскиот напад се оневозможени повеќе функции достапни за граѓаните и компаниите, вклучително и аплицирање за тековни јавни повици. Нападот се случува на помаку од 24 часа пред затворање на рокот за доставување апликации во рамки на Јавниот повик за технолошки развој за брзо прилагодување од КОВИД-19. Јавниот повик е една од мерките од третиот сет владина поддршка за заздравување на македонската економија. Во изминатите 30 дена колку што траеше јавниот повик, над 2.100 микро, мали и средни компании подигнале апликациски пакети, што е рекордно висок одзив од сите досегашни јавни повици, наведува ФИТР.

Поради настанатите тешкотии во аплицирањето, како и исклучително високиот интерес кај домашните компании, Фондот донесе одлука да се пролонгира рокот за доставување на апликациите до 03.07 (петок), до 14.00 часот.

-Фондот остро го осудува обидот за нарушување на редовното функционирање на процесите, особено во услови кога на домашните микро, мали и средни компании им е потребна државна поддршка за надминување на последиците од здравствената криза. Остануваме посветен на својата мисија и поддршката за домашните компании, а транспарентноста, отчетноста и двонасочната комуникација и понаму ни се основен императив во функционирањето и дејствувањето, стои во соопштението од ФИТР.

Слични содржини