Вебер: Можно е одлагање на Брегзит ако Лондон достави план за продолжување на процесот

од desk2

По одлуката на британскиот Парламент за отфрлање на Договорот за Брегзит, ЕУ би можела да се согласи на одлагање на истапувањето на Велика Британија од Унијата, доколку Лондон предложи план за продолжување на целиот процес, изјави кандидатот на Европската народна партија (ЕПП) за нов претседател на Еврокомисијата, Манфред Вебер.

– Актуелните прашања се одлагаат само ако сакате да купите време. Тоа го правевме пречесто во иминативе месеци и години.  изјави Вебер за германското радио Дојчландфунк.

Вебер, кој е актуелен претседател на Пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, оцени дека сега на потег е Лондон.

– Кажете ни што сакате, па тогаш ќе бидеме подготвени да разговараме, истакна Вебер.

Претходно денеска, во изјава за Би-Би-Си и поранешниот британски премиер Тони Блер оцени дека по отфрлањето на Договорот за Брегзит, неизбежно треба да следи одлагање на истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

– Тоа сега практичено е неизбежно… Да сум јас сега Влада, веќе би разговарал со Европа за условите за одлагање, изјави Блер.

Британската премиерка Тереза Меј синоќа, откако Парламентот и изгласа доверба на нејзината Влада, ги повика лидерите на парламентарните партии на разговори за излез од ќорсокакот по отфрлањето на договорот, нагласувајќи дека политичарите треба да ги остават на страна своите лични интереси.

Меј има рок до понеделник на Парламентот во Лондон да му достави „план Б“, при што на располагање има неколку опции, меѓу кои како најверојатни се одлагање на „разводот“ со Унијата или Брегзит без договор.

Слични содржини