„Вечерва уриваме влада“: Се ближи моментот на одлука за премиерот Абазовиќ

од Stefanija Kuzmanovska

Демократите ќе гласаат за пад на владата на Дритан Абазовиќ, најави вечерва пратеникот на таа партија Владимир Мартиновиќ.

„Вечерва не уриваме ништо друго освен Владата на ДПС. Ја уриваме Владата на ДПС, а на оние кои народот ги избра на 30 август да прават промени по 30 години од претходниот режим, им нудиме да потпишат дека по падот на Владата нема да прават комбинации со ДПС, туку дека ќе го вратиме тоа мнозинство што беше волја на изборите“, рече Мартиновиќ на собраниската седница на која единствена точка на дневен ред беше барањето за недоверба на владата на Дритан Абазовиќ.

Предлогот за недоверба на Владата го поднесоа 36 пратеници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија, Либералната партија, Социјалдемократите и Демократскиот сојуз на Албанците, само неколку часа откако Абазовиќ го потпиша Темелниот договор со Патријархот на Српската православна црква, Порфириј.

За конечен пад на Владата неопходен е глас од 41 пратеник, што значи дека на ДПС и на коалиционите партнери им недостига еден глас.

Демократите на Алекса Бечиќ претходно беа споменати како врв на вагата што може да ѝ го обезбеди потребното мнозинство на ДПС или, пак, да му помогне на Абазовиќ да остане на премиерската позиција.

Од оваа партија претходно најавија дека ќе донесат одлука за гласањето на самата седница, но пратеникот Мартиновиќ сега најави што ќе прават демократите, со што е поизвесно дека владата на Абазовиќ ќе падне вечерва.

Слични содржини