Величковски: Истите што врескаа „Никогаш Северна“ сега повикуваат на прекин на преговорите меѓу Скопје и Софија

од Vladimir Zorba

Истите што ми се спротивставуваа од 2011 кога тврдев дека ќе имаме подобар договор со Атина доколку не одиме со референдум туку со собраниски процес, потоа по социјалните мрежи и по кафеани врескаа „Никогаш Северна“ и на крај се вдомија во Собранието на, подголтнете, Северна Македонија. Па повикуваа на бојкот на пописот, а сега трагаат по 130.000 граѓани. Истите тие сега повикуваат на прекин на преговорите меѓу Скопје и Софија, вели во интервју за „Локално“ лидерот на „Движењето за Нова Република“ – Ивон Величковски.

Во однос на тоа дали треба целосен пресврт во политиката кон Бугарија, како што повика поранешниот МНР Димитров, Величковски  не знае дали тој смета на „наше кратко паметење“.

– Ако Димитров сака да зборува за пресврт во политиката кон Бугарија, нека каже зошто молчеа и тој и Груевски и Црвенковски и нивните „јавности“, на пример, кога 130.000 Македонци земаа или тргнаа во процес на стекнување бугарски пасош, вели Величковски.

За тоа дали министерот за надворешни Османи треба да понесе одговорност за „колапсот на нашата политика за членство во ЕУ“, лидерот на ЛП смета дека позначајно прашање е дали позицијата на Стејт Департментот во однос на (не)раздвојувањето на пакетот Македонија – Албанија на патот кон ЕУ е иста како и пред неколку месеци или има промена?

-И, ако таква промена постои – што е причината за тоа? Очекував некој од опозицијата да проговори за тоа пред мене, но очигледно различни ни се приоритетите, истакнува тој.

Многу реакции по отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола. Какво е вашето видување за истите?

-Ја констатирам основната разлика: реагира магловитиот опис „Јавност“ – функционери, политичари, „аналитичари“. Општеството – луѓето, граѓаните, Македонците се смирени.

Културниот центар со исто име постои во државниот Централен регистар од март 2019. Три години „Јавноста“ – истите функционери, политичари, опинионисти си молчеле и се правеле дека таков правен субјект не постои. Медиумите и тогаш информираа, ама вакво викање немаше. Во државниот музеј отворен од претходната власт, Михајлов има восочни фигури. Прашањето е кога згрешиле политичарите и „јавноста“, тогаш или сега? Кога молчеле или сега кога врескаат како по команда? И по чија команда?

Македонските политичари кога бараат функција одат со име и презиме и преземаат обврски, а кога треба нешто да решаваат молчат и се кријат зад „јавност“. Со посетата на бугарската повеќепартиска делегација предводена од Премиерот Петков беа „изведени на чисто“ по прашањето како гледаат на спроведувањето на Софискиот договор со сите теми во него: дали се за премолчување и „ишкање на мувата од капата“ или за отворање на прашањата и надминување на споровите по нив. Еве став без лична политичка калкулација.

Не смееме да заборавиме дека секоја реакција и став ги следат и оценуваат и македонските и бугарските граѓани, но и другите соседи, а особено партнерите од Европа и САД. Низ ставовите „ни се мери паметот“ како политичари, а низ потезите на институциите ни се мери државниот капацитет.

Многумина, вклучувајќи го и Претседателот Пендаровски, истакнаа дека славењето на докажан колаборатор на Хитлер не е во духот на добрососедските односи. Ковачевски пак побара реципроцитет од нашиот сосед, а нивната потпретседателка Јотова ни врати со „нема некакво си малцинство“. Како ќе се одвиваат работите, според вас, по овие настани?

-Прво, веќе јавно укажав дека „хистеријата кон (посетата на) Петков (во Битола) ќе расте правопропорционално со запленувањето на имотот на Груевски и извлекувањето на Македонија и Бугарија од Путинизмот и во Софија и особено во Скопје. Очигледни се обидите за користење на сите дневно-политички теми во Скопје,но и во Софија за одржување на македонско-бугарските односи во доменот на нестабилност на овој дел од Балканот интегриран во НАТО за употребливост на Кремљ.

Има политичари кои со нивните финансиско-медиумски спонзори сакаат јавната дискусија во Македонија, но и во Бугарија, да се води низ досегашната идеолошка призма на македонската национална свест и посебност. Само така гледаат да ја одржат во живот Путиновата пост-советска игранка во регионот, оти сите заедно се загрозени од отпорот на Украина и кршењето на старите југословенски, советски и варшавско-пактовски линии на економско, финансиско, медиумско, културолошко влијание во Југоисточна Европа. За овие антени на олигархиската политика до и по 1991 година – препрека се политичарите кои споровите не ги третираат како досега, меѓу народите, туку според потпишаните договори и меѓународното право.

Второ, добро ја забележавте разликата меѓу пристапот и тонот на Пендаровски и Ковачевски. Пендаровски треба да се реши дали е резидентен аналитичар во Вила „Водно“ или Претседател на Републиката. Пред годинаипол со иста дневно-политичка леснотија тој и неговиот кабинет го определуваше Гоце Делчев, а потоа се порекнуваше. Сега чекам кога пак ќе почне да објаснува што сакал да каже. Влегувајќи во идеологија, Пендаровски непотребно пак се вмеша во работата на Мешовитата историска комисија. Имаме потреба од сериозни државни функционери. Сите треба да разбереме дека не е работа на политичарите да даваат идеолошки толкувања на историјата – било да станува збор за личности, настани или народи – оти така им даваме аргумент на сите што сакаат македонската посебност да ја прикажуваат како продукт на идеологија, а не како свест на народ и изворно чувство.

Засега Ковачевски покажува такт и одмереност корисни за процесот. Таа тактичност на Ковачевски, тоа нерасфрлање со „големи“ изјави му е предност во процесите, но и причина за загриженост за сите оние што сакаат да го торпедираат добрососедството меѓу Македонија и Бугарија како и европското интегрирање на земјата. Притоа, не зборувам само за оние вон неговата партија и коалиција и не само за сили во Македонија.

За Македонија, спроведувањето на Преспанскиот договор е точката на одвојување на „Поранешната југословенска република“ од „српскиот свет“ колку и тоа да не и се допаѓаше на Москва. Тоа не одведе кон нам природниот простор на Северно-атланската алијанса. Целосност ќе даде спроведувањето на Софискиот договор кој го прекршува ментлитетот на Македонците од „опашка на Југославија“ во составен дел од Европа.

Колку е ова чекор назад во добрососедските односи меѓу двете земји?

-За да има чекор назад, треба да имало некаков значаен напредок. Реално гледано, вон слаткоречиви изјави и политички коректни средби – тој изостанува. Всушност, најголем напредок во добрососедските односи меѓу двете земји е извлекувањето на Софискиот од лично партнерство меѓу Заев и Борисов и враќањето на Договорот во рамката на процес што се спроведува меѓудржавно, преку институциите и по патека според јасни документи.

„Јавноста“ во Скопје за која зборував веќе не може да се задржи во својата комфорна зона и позиции. Отпорот кон таа партиско-медиумско-финансиска-нво камарила кај Македонците е огромен. Во решавањето на споровите не сме сами, но не може да очекуваме дека Вашингтон или Брисел ќе влезат во олеснување кое ќе треба да ги понижи Скопје или Софија, како што претходно не одеа на понижување на Скопје или Атина со спорот за името.

Треба ли целосен пресврт во политиката кон Бугарија, како што вели поранешниот МНР Димитров?

-Не знам дали Димитров е шегобиец или само смета на наше кратко паметење. Да бидеме сериозни. За него Бугарија стана проблем во моментот кога се соочи со смена од функцијата. За оние што го користат неговиот наратив, политиката кон Софија стана проблем во моментот кога сфатија дека им е презрена тактиката „Слаткоречивост – да, имплементација – никако“.

Тој беше во Владата на Заев која го потпиша Софискиот договор, а лично е потписник на Преспанскиот договор. Овие договори меѓусебно се поврзани, а сега личи дека се прави напор техничката прецизност на Преспанскиот да се обезбеди и за спроведувањето на Софискиот договор.

И Димитров, но и Пендаровски, Заев, Мицкоски, Апасиев… знаат дека Рамковниот, Софискиот и Преспанскиот договор се дел од северно-македонската уставна и Југоисточно-европската регионална безбедносна архитектура. И дека Софискиот и Преспанскиот договор се асиметрични и поради асиметричноста на бројот на Македонците, Бугарите и Грците и поради концептите на трите држави – граѓански во Македонција, национален во Бугарија и Грција. Тоа не враќа на причините на изборот на граѓанскиот концепт во Македонија кој, гарантирајќи ги колективните права и низ Рамковниот договор – ја гарантира одржливоста на Македонија и самобитноста на Македонците низ конститутивност, а на немакедонците низ спречување мајоризација.

Сега, кога ги видоа Груевски и Мијалков и други регионални политичари и олигарси на „црна листа“ – и горенабројаните политичари и нивните претходници сфатија дека заврши онаа Македонија на каква се навикнати – добра за нив и нивните семејства, неупотреблива за Македонците. И сфатија дека за нивната политика и привилегии нема место во новата република. Џабе замислуваа „сменивме име, сега ќе не трпите“.

Ако Димитров сака да зборува за пресврт во политиката кон Бугарија, нека каже зошто молчеа и тој и Груевски и Црвенковски и нивните „јавности“, на пример, кога 130.000 Македонци земаа или тргнаа во процес на стекнување бугарски пасош.

Уште „неотворени“ од бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ велат дека како што Путин вештачки ја создал ДНР, така и Тито ја создал Македонија. Како треба да се разбере оваа провокација од клуб, на чие отворање присуствуваше Кирил Петков?

-Ова само ми ја потврди констатацијата од пред два дена, дека „ванчомихајловизмот е само врзивна мистика на југословенската и бугарската комунистичка идолатрија во односот кон Македонците“. Таа идолатрија има произведено доволно поединци кои својата или туѓата етничка припадност ја гледаат валутно. И како чувствуваат дека им одминува употребливоста, така стануваат се повулгарни, погласни и – попрезрени.

Нервозата е во „фамозниот“ четврти пакет на историски прашања, кој ќе ја отвори историјата на ВМРО. Низ него ќе сфатиме дека идеологијата немала улога во создавањето и функционирањето на Организацијата. Тоа ќе го обесмисли повикувањето на нејзиното историско наследство во денешните партии со предзнакот „ВМРО“ и, посредно, повикувањето на наследството од Сојузот на комунистите во партиите произлезени од него, вклучително наследствата од „Тито и Лазо“. И тогаш настанува практичното ослободување на Македонците од наметнатата матрица на идеолошко третирање и диференцирање на македонскиот и другите (соседни) народи и од Системските Македонци и нивните намесници кај немакедонците, особено кај Албанците.

Ова нема да е пријатно за имплантите и во нашата и во соседните политики кои семејно се одгледувани во духот на привилегиите на „соцреалистичката буржоазија“ и функцијата ја гледале како право по раѓање, а не како должност стекната во конкурентен процес.

Дали МНР Османи е виновен за нашиот „колапс во стратегијата за членство во ЕУ“, во контекст на отстапките кон Бугарија, како што вели Трајанов од ДС и треба ли да биде заменет од Ковачевски во овој клучен период?

-Трајанов учествува во Владата и, оттука, знае за се што се решава во неа. Како што беше дел од Владата на Груевски, впрочем. Како партија на власт носите одговорност. Тоа не е секогаш пријатно, но доаѓа со „описот на работни задачи“. Кога влегол во Владата, знаел дека тоа значи спроведување на Софискиот договор. Сега само глуми „јавност“.

Османи треба да одговори на друго, позначајно прашање: Дали позицијата на Стејт Департментот во однос на (не)раздвојувањето на пакетот Македонија – Албанија на патот кон ЕУ е иста како и пред неколку месеци или има промена? И, ако таква промена постои – што е причината за тоа? Очекував некој од опозицијата да проговори за тоа пред мене, но очигледно различни ни се приоритетите.

Води ли земјава, според вас, правилна политика кон Бугарија?

-Од потпишувањето на Софискиот договор, квалитетот на политиката во однос на Бугарија на претходната, оваа и секоја следна Влада е определена со рамките на договорот се додека тој е во важност. Тоа значи дека правилноста на политиката на Скопје кон Софија и обратно е институционално мерлива според исполнувањето на одредбите на Договорот, а не според некакви ефемерни оценки и формулации.

Истите што ми се спротивставуваа од 2011 кога тврдев дека ќе имаме подобар договор со Атина доколку не одиме со референдум туку со собраниски процес, потоа по социјалните мрежи и по кафеани врескаа „Никогаш Северна“ и на крај се вдомија во Собранието на, подголтнете, Северна Македонија. Па повикуваа на бојкот на пописот, а сега трагаат по 130.000 граѓани. Истите тие сега повикуваат на прекин на преговорите меѓу Скопје и Софија. Ама, како и за Преспанскиот, молчат и за Софискиот договор. И тие и сите ние знаеме дека оваа тема е само за политички поени, ако има брзи избори. Ако такви избори нема, како и за Преспанскиот, ќе бараат „подобрувања на текстот“ и, ако проценат дека се блиску до власта, ќе си „легнат на брашното“. Она што ги мачи е дека таа игра е прочитана кај Македонците. И кај Албанците и сите други во Македонија и околу Македонија.

Јотова вели дека ниту некој барал, ниту некој може да бара да признае „некакво си малцинство“ во Бугарија, дури ни судот за човекови права во Стразбур. Дали можеби ова треба да биде новата „македонска црвена линија“ во преговорите?

-Разликите во концептот на уредување на индивидуалните и колективните права согласно уставите на секоја од државите го објаснив претходно. Тоа ја објасни и асиметричноста на позициите на Софија и Атина кон Скопје соодветно.

Но, во моментот кога политиките и наративата во Скопје ќе се засноваат на дневно-комуникациските политички и економски односи меѓу луѓето наместо на историско-идеолошки квалификации на политичарите и медиумските гавази кон народите, таа асиметричност ќе падне токму по барање на Софија и Атина, соодветно. Побрзо одошто очекуваме, поспоро одошто посакуваме. Интересот за интеграција на Македонија и Западниот Балкан во ЕУ е токму во можноста од нивелирање на популациските, политичките и економските диспаритети меѓу народите и нациите на Континентот, вклучително преку инструментите на Брисел и Стразбур.

Ако ова ви изгледа „преидеалистично“ – запрашајте се каде на бројчано мали народи како македонскиот, црногорскиот, бошњачкиот… би им се признала држава, посебност, јазик, рамноправност со големите – надвор од Европа? Дали сме свесни дека за сите наши народи на Балканот меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море кои не собира во еден светски мегалополис – се ангажирани НАТО, САД, Обединетото Кралство и ЕУ-членките?

Затоа нашата дипломатија треба да ја повикуваме на „црвени линии“ кон оние што нам и на нашите сојузници ни го загрозуваат просперитетот, демократијата и слободата. Како што, на пример, наша „црвена линија“ е Македонија да биде цврсто во НАТО, едногласна со ЕУ и солидарна со Украина контра агресијата на Русија. Се останато е „кавга во семејството“, трансатланско или европско како сакате.

Оттука, Македонците, Албанците, Бугарите, Србите… во регионот можат да бидат спокојни. Неспокојот сега е преселен кај нашите и нивните политичари и олигарси кои егзистираа низ одржувањето на сферите на влијание и зависност од пред 1992. Пресметката со корупцијата и нејзините олигархии, кои ни ги загадуваа јавните дискурси за да ги украдат јавните пари, создава нова ентропија.

М.А.

 

Слични содржини