Велигден во вонредна состојба: празнување дома со молитва и свеќа в рака

од Берта Китинска

Ноќта, во моментот кога се прогласува Воскреснувањето на Христос, православните верници наместо в црква, ќе бидат во своите домови поради полицискиот час, кој почна во 16 часот во петокот и ќе трае до 6 часот во вторник. Во храмовите ќе се служат богослужби и литургии, кои ќе се пренесува во живо, а верниците ќе можат да ги следат пред малите екрани или на интернет. Свештеници повикуваат, пред полноќ, сабота спроти недела, верниците со свеќа в рака да излезат на терасите и во дворовите и да го запеат тропарот Христос воскресе.

Велики Петок

Вонредната состојба настаната поради пандемијата со Ковид-19 наложи и вонредно празнување на најголемиот христијански празник Велигден.

Пораки верниците да се останат дома деновиве упатија и црковните лица и властите.
– Да го претвориме секој дом во црква и да го празнуваме Христовото Воскресение со најблиските. Љубовта кон Господ да ја сведочиме со грижата и љубовта кон ближниот, особено кон оние кои се на првата борбена линија во борба со Ковид-19, и да останеме дома. Христос воскресна за сите, за секого и секаде. Верувајте во Воскресението на Христа а не во местото на воскреснувањето. Во изминатите 2000 години постојано имало периоди во кои христијаните не можеле да се собираат во црквите, но тоа не ја ослабнало нивната вера, гласат дел од пораките.

Од Архијерејскиот Синод на МПЦ-Охридска архиепископија излегоа со десет насоки кон кои верниците треба да се придржуваат. Освен литургии и богослужби со најмногу пет присутни верници на одредено
растојание, црквата им препорачува на старите, изнемоштените и имунослабите лица да не ги посетуваат светите храмови. Доколку овие лица сакаат да се причестат, тоа да го направи свештеник во домашна
атмосфера.

Фотографиите од Велики Петок сведочат дека и црковните лица и верниците ги почитуваат препораките за заштита од Ковид- 19 . Литургии со ограничен број свештенослужители, верници со маски, оддалечени еден од друг во црковните дворови, како и во внатрешноста на црквите, без вообичаениот детски џагор, е сликата во храмовите во овие последни денови од Страдалната седмица.
Иста е состојбата и во речиси сите други држави, во кои најбројни се православните верници. Само Бугарија и Грузија најавија дека за Велигден вратите на црквите ќе останат отворени за верниците, но со почитување на препораките за заштита од коронавирусот-носење маска и држење растојание едни од други.

Србија, Русија, Романија, Грција, Црна Гора, Украина- Велигден во карантин

Србија го минува 80-часовниот карантин, најдолг од воведувањето на вонредната состојба поради пандемијата на вирусот. Со одлука на владата за полициски час од петок во 17 часот до вторник во пет наутро ќе бидат практично забранети и сите велигденски прослави.

Синодот на Српската православна црква претходно побара прекин на забрана за движење поради велигденските литургии. Но, српскиот претседател Алекандар Вучиќ, со молба, и најава дека ќе клекне на колена пред српскиот архиепископ Иринеј, само да го разубеди од намерата Велигден да се празнува како и секоја година. На крајот црковните лица и властите во Србија се договорија да нема собирања во храмовите и верниците да останат дома. Литургиите да се одржат без верници, само со свештенослужители.

– Само ги молам луѓето да сфатат дека овие мерки ги воведуваме за да спасиме животи, истакна Вучиќ.
Велигден во Грција оваа година ќе се слави зад затворени врати, бидејќи им е дозволено само на свештениците да бидат во црквите, а не и на верниците со цел да се спречи ширењето на пандемијата на коронавирус.

Синодот на Грчката православна црква одлучи велигденската прослава да ја одложи за Оддание на Воскресение, ноќта меѓу 26 и 27 мај. Синодот ги повика верниците строго да се придржуваат кон упатствата на здравствените власти и да не ги слушаат оние што повикуваат на глувост на мерките, истакнувајќи дека „во денешно време тоа не е оправдано ниту во името на христијанската вера“. Тие истакнаа дека „ги прифаќаат државни мерки и ги повикаа сите да останат дома, во исто време барајќи од државата да дозволи да се одржуваат службите во црквите и манастирите, дури и ако верниците не можат да присуствуваат“.

Според направена анкета, девет од десет Грци за Велигден ќе останат дома и нема да одат во црква.

И храмовите во Русија и во Романија се затворени за верниците.

Руската православна црква нареди, од 13 до 19 април, вратите на храмовите во Москва и околината да бидат затворени. Верниците ќе можат да ја следат литургијата од нивните домови преку телевизија.

– Не го предавате Христос ако не одите в црква, но го предавате Христос ако поради вас некој се разболи, рече претседателот на Одделението за надворешни врски на Московската патријаршија, митрополит Иларион, на почетокот на април.

Романската православна црква, исто така, одлучи да ги прекине сите обреди. Црквата им сугерира на верниците со свеќи во рацете да излезат на балконите и дворовите на нивните домови и да кажуваат молитви.
Црквите во Бугарија и Грузија отворени за празиниците

Бугарската православна црква ќе ги остави црквите отворени во текот на празниците. Таа успеа да издејствува држење литургии пред црквите, на отворено. Таму луѓето можат да бидат на отстојание од два метра. Дел од свештениците ги повикаа верниците да останат дома за време на празниците.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека морал да донесе таква одлука оти епископите му кажале дека многу луѓе се со ослабнат дух, дека се очајни. – Затоа не можам да издадам таква наредба, за затворање на црквите, додаде Борисов.

Бугарскиот министер за внатрешни работ, Младен Маринов, изјави дека полицијата ќе биде околу црквите и ќе пази на редот и придржува.

И во Грузија црквите остануваат отворени. Иако таму е во сила закон кој забранува собирање на повеќе од три лица, премиерот Гиорги Гакарија, меѓутоа, се заложи црквите да останат отворени на Велигден. Тој им порача на верниците сами да внимаваат на своето здравје и најави дека Велигденската литургија ќе ја следи на телевизија – од дома.
Но, она што ги обедини сите православни цркви, и за кое имаат ист став е отфрлањето на барањето на здравствените експерти при причестувањето да употребуваат лажичиња за еднократна употреба. Во православието е вообичаено при причестувањето за сите да се користи ист путир (обредна метална чаша за причест) и иста лажичка. Црковните лица тврдат дека никој, од кога постои православието до денес, не се заразил при причестување. Црквата верува дека во евхаристијата со помош на Светиот дух виното и лебот стануваат Христови тело и крв.

Израел ќе им помогне на православните христијани за Велигден да го поделат Благодатниот оган

Израелските власти соработуваат со владите на други земји и водачи на Православната црква во Светата земја за да се осигурат церемонијата на благодатниот оган да не се откаже поради коронавирусот.

Светиот Благодатен Оган од Ерусалим ќе биде пренесен во православните земји како и досега.

Поконкретно, согласно објавата, државата Израел изрази подготвеност да ги прими специјалните летови од православните држави, што секоја година го земаат Светиот Оган од Ерусалим.

Слични содржини